• сабота, 23 ноември 2024

ЕК подготви Упатство за ублажување на онлајн ризиците по изборните процеси 

ЕК подготви Упатство за ублажување на онлајн ризиците по изборните процеси 

Брисел, 27 март 2024 (МИА) - Европската комисијата изработи Упатство со препорачани мерки наменети за „многу големите онлајн платформи“ со цел ублажување на системските ризици на интернетот што би можеле да влијаат врз интегритетот на изборните процеси, со посебни конкретни насоки за јунските избори за членови на Европскиот парламент. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, согласно Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), Европската комисија минатата година на веб страниците, социјалните мрежи, пребарувачите и сајтовите за е-трговија кои имаат повеќе од 45 милиони активни корисници во Унијата, им додели статус на „многу големите онлајн платформи“, со што тие имаат обврска да се придржуваат на низа правила, вклучително и да ги ублажат потенцијалните ризици поврзани со изборните процеси, притоа штитејќи ги основните права и правото на слобода на изразување. 

Според извршната потпретседателка на Еврокомисијата за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкуренција Маргрете Вестагер, целта на усвојувањето на Законот за дигитални услуги беше да се обезбеди дека модерните технологии работата во интерес на луѓето и на општествата. 

- Упатството дава конкретни препораки за онлајн платформите како да ја почитуваат оваа своја обврска во пракса, истакна Вестагер.  

Еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон, пак, оцени дека Упатството има за цел да обезбеди спречување на злоупотребата на интернет платформите за манипулација со изборите. 

- Со Законот за дигитални услуги, Европа стана првиот континент што има закон за справување со системските ризици на онлајн платформите кои можат да имаат негативни ефекти во реалниот свет и врз нашите демократски општества, додаде Бретон. 

Мерките во Упатството вклучуваат зајакнување на внатрешните процеси и правила на платформите за ублажување на ризиците специфични за изборите, вклучително и промоција на официјални информации за изборните процеси, поттикнување на медиумска писменост, намалување на виралноста на содржини што можат да го загрозат интегритетот на изборите, како и јасно посочување на платените политички реклами. 

Од платформите се бараат и конкретни мерки за намалување на ризиците од злоупотреба на вештачката интелигенција за политички цели, како и воспоставување на механизам за одговор на инциденти кои би можеле да имаат значително влијание врз исходот или излезноста на изборите. 

Дополнително на платформите им се препорачува соработка со институциите на ЕУ, националните власти, независни експерти и граѓански организации за да се поттикне ефикасна размена на информации пред, за време и по изборите, поврзани со обиди за манипулација, странско мешање, ширење дезинформации и загрозување на кибер безбедноста. 

Имајќи ја пред вид нивната единствена прекугранична и европска димензија, многу големите онлајн платформи треба да обезбедат доволно ресурси и мерки за ублажување на ризиците по изборниот процес, како и да воспостават тесна соработка со Работната група на Европската опсерваторија за дигитални медиуми (ЕДМО) за следење на европските избори во 2024 година, посочува ЕК. 

- Специфичните мерки за ублажување што треба да ги преземе една многу голема онлајн платформа зависат од спецификите на нејзините услуги и профилот на ризик. Упатството претставува збир на најдобри практики за ублажување на ризиците поврзани со изборните процеси во овој момент. Многу големите онлајн платформи кои нема да го следат ова Упатство мора да и докажат на Комисијата дека мерките што тие ги презеле се подеднакво ефикасни во ублажувањето на ризиците. Доколку Комисијата добие информации кои предизвикуваат сомнеж околу соодветноста на таквите мерки, може да побара дополнителни информации или да започне формална постапка според Законот за дигитални услуги, наведува Еврокомисијата. 

Со цел проверка на ефикасноста на мерките, ЕК планира кон крајот на април да спроведе стрес-тест со кој ќе бидат опфатени релевантните засегнати страни. сп/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан