• вторник, 24 декември 2024

Еко-свест и Натура МК помагаат во идентификација и мапирање на растителни видови во Споменикот на природа „Вевчански извори“

Еко-свест и Натура МК помагаат во идентификација и мапирање на растителни видови во Споменикот на природа „Вевчански извори“
Скопје, 7 мај 2022 (МИА) - Еко-свест и Натура МК започнуваат со примена на граѓанска наука за да помогнат во идентификација и мапирање на растителни видови во Споменикот на природа „Вевчански извори“ и со тоа да овозможат подобар мониторинг и заштита на шумите во ова заштитено подрачје. Како што информираат од Еко-свест и Натура МК, викендов спроведуваат обука за правилно индентификување и мапирање на видови дрвја - буката, костенот и дабот преку користење на мобилната апликација INaturalist, од сега достапна и на македонски јазик. Во активноста се вклучени локални волонтери, ренџерската служба, планинари, наставници и други љубители на природата. Со секоја идентификација на растение, податоците за видот и локацијата се евидентираат во отворен систем од кој може да се преземаат и користат за подобро управување со овие растителни заедници. Со ваквата активност Еко-свест и Натура МК ќе помогнат за подобра заштита на овие заедници од страна на управителот на заштитеното подрачје. -Споменикот на природа „Вевчански извори“ го доби својот План за управување во септември 2019 година и целата постапка беше спроведена со заеднички напори од Општината и Еко-свест, во тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Планот за управување ја дефинира и потребата да се посвети посебно внимание на шумските екосистеми, особено на заедницата на стари костенови шуми. Проектот кој го спроведува Еко-свест во партнерство со Натура МК „Граѓанска наука во функција на заштита на природата“ ја има токму таа задача- да помогне на управителот во собирањето на податоци и нивна обработка за соодветно планирање мерки за заштита, велат од Еко-свест и Натура МК. Граѓанската наука, додаваат, претставува пристап кој се заснова на набљудувања и евидентирање на одредени појави од страна на граѓаните. Во овој случај, сите заинтересирани љубители на природата можат со користење на мобилната апликација INaturalist да придонесат со идентификација на живиот свет и негово мапирање. Користењето на оваа апликација е многу едноставно и лесно. Во рамки на проектот Еко-свест и Натура МК подготвија и серија на едукативни материјали и упатства кои се споделени на јавни места во Вевчани и достапни online. Во наредниот период предвидено е поинтензивна соработка со училиштето во Вевчани каде учениците ќе формираат еко-секција и преку интерактивни едукативни игри и едукативни прошетки во природа ќе научат уште повеќе за својата средина и како да ја зачуваат. Проектот е финансиски поддржан од страна на Prespa Ohrid Nature Trust (PONT) и Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF).вј/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан