• понеделник, 23 декември 2024

Екипи на јавните претпријатија ги санираат штетите по невремето во Скопје 

Екипи на јавните претпријатија ги санираат штетите по невремето во Скопје 
Скопје, 2 јули 2022 (МИА) - По денешното невреме што го зафати Скопје, екипите на ЈП Водовод и канализација, ЈП Улици и Патишта, ЈП Комунална хигиена, ЈП Паркови и зеленило интервенираа на сите локации кои беа критични места од насобрана вода, откорнати дрвја или паднати гранки , санирање на сообраќајна сигнализација и чистење на површините.
Од страна на ЈП Водовод и канализација се изврши листење на сливниците заради овозможување на апсорбирањето на водата. Расчистени беа критичните точки подвозникот кај Стоковна куќа, булеварот Илинденска на неколку точки, булеварот Партизански одреди, улицата Јордан Мијалков, неколку локации во општина Карпош, улицата Павел Шатев, кај полициската станица на Бит пазар, клучката пред Ист Гејт и останати интервенции. Атмосферските и канализационите линии на овие локации се чисти, соопшти Град Скопје.
Екипите на ЈП Улици и патишта интервенираа во санирање на паднат семафор на клучката кај Т.Ц. Мавровка и извршија санирање на искривен полупортал на булеварот Свети Климент Охридски.
Дежурната екипа од Секторот Дрвореди на ЈП Паркови и зеленило  попладнево веднаш реагираше на расчистување на теренот од паднати гранки и дрвја низ градот.
Се врши интервенирање на булеварот Цветан Димов, на неколку локации на потегот кај Бит пазар, и Т.Ц Мавровка, на улицата Ѓорѓи Димитров во Кисела вода, на две локации во Градскиот парк, на улиците Орце Николов, Чаирска, Даме Груев, Никола Тесла, Цицо Поповиќ, Банатска, улицата Аминта Трети, на неколку локации на булеварот Свети Климент Охридски, улицата Мирослав Крлежа, на булеварот Теодосиј Гологанов, улицата Орце Николов, на булеварот Крсте Петков Мисирков, улицата Иван Козаров, во Жена парк, како и на булеварот Кочо Рацин.
Веќе се целосно расчистени неколку локации, а екипите на ЈП Паркови зеленило ќе продолжат со расчистувањето и во вечерните часови и во текот на утрешниот ден.
Екипите на ЈП Комунална хигиена во координација со останатите претпријатија во моментов вршат чистење на улиците и булеварите, како и дел од пешачките патеки за нивна проодност. Чистењето на градските површини од невремето ќе продолжи и во текот на вечерните часови и во текот на утрешниот ден, информираат од Град Скопје.

Остани поврзан