• недела, 22 февруари 2026

Екипи на Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ ги чистат пластичните шишиња од реката кај Доброшане

Екипи на Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ ги чистат пластичните шишиња од реката кај Доброшане

Куманово, 17 февруари 2026 (МИА) - Екипите на водостопанство „Кумановско липковско поле“ со механизација го расчистуваат пластичниот отпад, пред сè шишиња од реката Кумановка кај село Доброшане во близина на пречистителната станица. Зголемениот водостој на реката Кумановка во изминатите денови повторно го отвори прашањето за одговорноста на граѓаните за фрлање на отпадот долж коритата. Според директорот на претпријатието, Дарко Живковски, надојдените води ги прибраа пластичните шишиња и отпадот од бреговите од реките од кумановско и ги наталожија кај мостот во Доброшане, каде водостојот надмина 200 сантиметри.

-Имаме огромна депонија од пластичен отпад, па дури и три фрижидери кои „допловија“ до овој дел во коритото. Во моментов интервенираме на истото место со механизација и камиони за транспорт, изјави Живковски.

Пластичниот отпад, како што појаснува го транспортира компанија за рециклирање, со цел да се намали штетата врз животната средина. На терен се ангажирани скип-машини и работници кои рачно го вадат отпадот од речните наслаги.

Последниве врнежи ги зголемија водостоите во регионот, но од претпријатието велат дека поради превентивните активности речиси и да немаше излевање.

-Работевме на чистење на речните корита и изградба на заштитни бедеми, што резултираше со тоа да немаме поплави во Пелинце и Клечовце. Излевање имаше во Опае, но поради надојдени води од планинските суводолици и намален проток поради градежен шут во коритото, појаснува директорот.

Тој најави дека во наредниот период ќе се интервенира и во тој дел, потенцирајќи дека надлежноста на претпријатието е надвор од урбаните средини, додека во градските подрачја одговорноста е на општините.

Особено внимание привлекува состојбата со акумулациите. Во браната Глажња, според утринските податоци, има акумулирано 21 милион кубни метри вода, што претставува значително зголемување во однос на октомври кога нивото било околу 3 милиони кубни метри.

-Вода ќе има за сите, изјави Живковски.

Од претпријатието велат дека нивна механизација е помош и во Кичево.

- Во недела нашите луѓе веќе беа во Кичево. Испративме багер и транспортна механизација. Подготвени сме да останеме и подолго доколку има потреба, истакна Живковски. ам/мч/

 

Тагови

Остани поврзан