• вторник, 24 декември 2024

Едукативна кампања „Петарди Не, безбедност пред се“ во дебарската гимназија

Едукативна кампања „Петарди Не, безбедност пред се“ во дебарската гимназија

Дебар, 25 декември 2023 (МИА) - Во дебарското Општинско средно училиште „28 Ноември“ денеска се одржа едукативната кампања „Петарди Не, безбедност пред се“. 

Докторката Емилија Коларовска од Општата болница и командирот на Полициската станица Дритан Бакали и полициски службеници од отсекот за превенција при СВР Охрид и ОВР Дебар одржаа стручни предавања на кои присуствуваа околу 150 ученици, кои настава следат на македонски и на албански јазик.

Притоа беа презентирани штетните последици од употреба на пиротехнички средства по здравјето на учениците, пред се од повреди на рацете, очите и другите делови на телата.

Учениците беа запознаени и со законските импликации од набавување, продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови пред објекти, во влезови на станбени згради или училишта и слично. 

Исто така беа информирани и за прекршочните и кривичните санкции од нелегалната употреба на пиротехнички средства.

Според Бакали, целта на кампањата која се спроведува под мотото  „Петарди Не, безбедност пред се“ е подигнување на свеста кај младите во пресрет на празниците, да не купуваат и активираат разновидни пиротехнички средства. вт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан