• сабота, 23 ноември 2024

Европските социјалисти бараат транспарентна истрага за посочените изборни нерегуларности во Србија 

Европските социјалисти бараат транспарентна истрага за посочените изборни нерегуларности во Србија 

Брисел, 11 јануари 2024 (МИА) - Партијата на европските социјалисти (ПЕС) упати писмо до српската премиерка Ана Брнабиќ како реакција на случувањата на изборите во Србија на 17 минатиот месец и настаните во земјата по нив, во кое се бара спроведување транспарентна истрага за сите посочени изборни нерегуларности, како што и доликува на земја која преговара за членство во Европската Унија, јави дописникот на МИА од Брисел. 

- Глетката на десетици илјади српски граѓани низ земјата кои протестираат против изборните резултати е јасен знак дека српското општество сака потранспарентен и подемократски изборен процес, се додава во писмото на европските социјалисти до Брнабиќ. 

ПЕС посочува дека ги поддржува принципите на демократија, владеење на правото, граѓански права и еднакви политички можности и ја повикуваа и Србија да ги поддржи овие основни вредности на ЕУ. 

Во писмото се наведуваат и детали и извадоци од извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и останатите меѓународни набљудувачи во врска со изборниот процес, како што се злоупотреба на избирачките права и изборниот закон, притисоци врз гласачите, злоупотреба на службени податоци, но и за состојбата во медиумите за време и по кампањата. Дополнително во врска со постизборните протести се посочени и случаите на приведување студенти демонстранти. 

Набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР, на меѓународните организации и на институциите на ЕУ во своите извештаи посочија сознанија за купување гласови, притисок врз гласачите и организирано носење на лица од Босна и Херцеговина да гласаат на изборите, пред се во Белград, при што ги осудија ваквите појави и апелираа на „спречување на понатамошното демократско назадување на земјата, која е кандидат за членство во ЕУ“. 

Европските институции од своја страна ги повикаа српските власти да ги испитаат извештаите за нерегуларности на изборите на транспарентен начин и да го подобрат изборниот процес. 

Во одговор на новинарско прашање по изборите, портпаролот на Европската комисија, Петер Стано изјави дека „со загриженост“ е заклучено дека изборниот процес во Србија бара „видливо подобрување и дополнителни реформи“, кои треба да се спроведат што е можно поскоро.

- Адекватното функционирање на демократските институции е сржта на процесот на пристапување на Србија во ЕУ, изјави Стано, апелирајќи до српските власти да обезбедат конструктивен и инклузивен дијалог со субјектите од политичкиот спектар. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан