• четврток, 26 декември 2024

Европските либерали сакаат „да го вратат“ Единствениот пазар на агендата на ЕУ 

Европските либерали сакаат „да го вратат“ Единствениот пазар на агендата на ЕУ 

Брисел, 3 февруари 2024 (МИА) - Европските либерали во следниот мандат на институциите на ЕУ ќе се стремат за заокружување на Единствениот европски пазар преку зајакнување на неговата хармонизација и имплементација на законодавството што го регулира неговото функционирање, откако тој долги години беше запоставуван од „Европската комисија предводена од Европската народна партија“. 

Ова меѓу другото се наведува во Предлог-изборниот манифест за јунските избори за европратеници на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ), која заедно со партијата Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон, центристичката Европска демократска партија (ЕДП), три помали партии што не припаѓаат на ниту една паневропска партија и неколку непартиски пратеници ја сочинуваат групацијата Да ја обновиме Европа (РЕ) во Европскиот парламент. 

- Внатрешниот пазар се уште е нецелосен. Ние се залагаме за единствен пазар кој обезбедува еднакво и конкурентно деловно опкружување на ниво на ЕУ, се вели во документот, во кој се нагласува итноста од „враќање на Единствениот пазар на агендата на Унијата, со цел да се зајакне конкурентноста и создавањето нови работни места. 

Според АЛДЕ, за да се зајакне конкурентноста на ЕУ на глобално ниво потребно е „намалување на административните оптоварувања и бирократијата и базирање на принципот - единствен пазар, единствени правила“. 

Либералите ветуваат и дека ќе се насочат на поддршка на малите и средни претпријатија, наместо на големите компании, со цел да се заштити „структурна конкурентност“ на Единствениот пазар. 

Според извор во АЛДЕ, Европската комисија предводена од нејзината актуелна претседателка Урсула фон дер Лајен создала „премногу бирократија“ која ги оптоварува малите бизниси и не успеала „да го отвори Единствениот пазар“ кон други пазари, не успевајќи да ги протурка поголемиот дел од договорите за слободна трговија. 

- Одговорноста и раководството на Комисијата доаѓа од претседателот и тука ги имаме проблемите, изјави истиот извор за „Еурактив“ на забелешката дали незадоволството од резултатите на ЕК во однос на Единствениот пазар, претставува критика за еврокомесарот за внатрешен пазар Тјери Бретон. 

Бизнисменот и поранешен француски министер за економија, финансии и индустрија како кадар на некогашната конзервативна Унија на народното движење (УМП), Бретон стана член на актуелната Европска комисија како непартиски експерт на предлог на администрацијата на Макрон.  

Конечната верзија на манифестот на АЛДЕ треба да биде одобрена на партискиот Изборен конгрес на 20 март. Имајќи предвид дека Да ја обновиме Европа (РЕ) најави заеднички настап на Европските избори во јуни, тоа ќе подразбира дека Изборната програма ќе треба да биде усогласена со сите членки на групацијата, пред се со Ренесанса на Макрон, која е најбројна партија во рамките на РЕ. 

Доколку, либералите опстојат на ваквата реторика тоа би можело да биде предзнак за жешка изборна кампања за Евроизборите, имајќи предвид дека и ЕПП во својата програма става силен акцент на „намалување на бирократијата“. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан