• петок, 22 ноември 2024

Европарламентот решава за распоредот на сослушување на кандидатите за еврокомесари 

Европарламентот решава за распоредот на сослушување на кандидатите за еврокомесари 

Брисел, 2 октомври 2024 (МИА) - Лидерите на пратеничките групи во Европскиот парламент денеска треба да го усвојат планот според кој парламентарните комитети ќе ги одржат сослушувањата на кандидатите за нови еврокомесари. 

По неколкудневни преговори меѓу претседателите на комитетите, доцна синоќа беше усогласен предлог-планот за сослушувањата, по кој денеска треба да се произнесат првите луѓе на пратеничките групи. 

Со планот се предвидува голем дел од кандидатите за комесари да бидат сослушани од повеќе комитети на заеднички седници, што не е вообичаена пракса. Досега, како што е предвидено и со Деловникот на Европарламентот, одреден комитет спроведуваше сослушување на кандидатот или кандидатите за еврокомесари чии ресор е во сферата на областа која тој ја покрива и за која е одговорен. Доколку ресорот на некој кандидат опфаќа области за кои е надлежен повеќе од еден комитет, тогаш сослушувањата се вршат на заедничка седница. 

Иако со планот се предвидува сослушувања на кандидатите за еврокомесари од повеќе комитети, сепак за одобрување на нивните номинации ќе се изјаснуваат само членовите на комитетите задолжени за нивниот ресор. 

Во 2019 година само еден кандидат за еврокомесар беше сослушуван од три комитети, а останатите од еден или два, додека сега се предлага 11 да бидат на сослушуани во по еден комитет, девет во два, четворица во три, а двајца (Стефан Сежурне и Хаџа Лабиб) од дури четири комитети. Дополнително на сослушувањата се поканети и членови на други комитети, чија бројка се движи од еден до седум. 

Ваквиот план пред се оценува како резултат на „испреплетената природа на ресорите на новата Комисија“, но и како обид на европратениците за зајакнување на својата контролна улога. 

Покрај планот за сослушување на комесарите, лидерите на пратеничките групи треба да го утврдат и датумот за почеток на тие сослушува, за што во игра се два термини - средината на октомври и 4 ноември.  

Според извори во ЕП, повеќето пратенички групи се за старт на сослушувањата на почетокот на ноември, што може да го доведе во цајтнот целиот процес на одобрување на новата Европска комисија од страна на Европарламентот, што би требало да се случи најдоцна до крајот на следниот месец, имајќи предвид дека новиот состав на Колеџот на комесари треба да стапи на должност на 1 декември. сп/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан