• сабота, 23 ноември 2024

Евробарометар: Мнозинството Европејци сакаат побрзо темпо кон зелената транзиција

Евробарометар: Мнозинството Европејци сакаат побрзо темпо кон зелената транзиција

Брисел, 20 јули 2023 (МИА) - Дури 93 проценти од граѓаните на ЕУ сметаат дека климатските промени претставуваат сериозен проблем со кој се соочува светот, а 53 отсто од нив сакаат забрзување на транзицијата на Унијата кон зелена економија во услови на раст на цените на енергенсите и загриженост за снабдување со гас по руската инвазија на Украина, покажуваат резултатите од новото истражување на Евробарометар објавени денеска.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, според анкетата, 73 проценти од Европејците оценуваат дека цената на штетата предизвикана од климатските промени е многу поголема од потребните инвестиции за зелена транзиција, а 75 отсто се на став дека преземањето мерки за заштита на климата ќе доведе до иновации.

Дури 88 проценти од анкерираните сметаат дека емисиите на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина треба да се сведат на минимум, 87 отсто дека е важно ЕУ да постави амбициозни цели за зголемување на употребата на обновливи извори на енергија, а 70 проценти се на ставот дека намалувањето на увозот на фосилни горива може да ја зголеми енергетската безбедност и економска корист за ЕУ.

Од вкупниот број испитаници, дури 93 отсто тврдат дека преземаат индивидуални мерки за заштита на климата и свесно прават одржливи избори во нивниот секојдневен живот, а на прашањето чија е одговорноста за преземање мерки против климатските промени, по 56 проценти ги посочуваат своите национални влади и ЕУ, а 53 отсто бизнис секторот и индустријата. 

Над една третина од граѓаните на ЕУ сметаат дека се лично изложени на ризици и закани поврзани со животната средина и климатските проемни, 84 проценти мислат дека справувањето со климатските промени и еколошките прашања треба да биде приоритет за подобрување на јавното здравје, а 63 отсто дека заштитата од влијанијата на климатските промени може да има позитивни резултати за нив.

Со анкетата на Евробарометар за климатски промени, спроведена помеѓу 10 мај и 15 јуни годинава, биле опфатени 26 358 граѓани на ЕУ од различни социјални и демографски групи во сите 27 земји членки на ЕУ. Истражувањето е спроведено по принципот лице в лице со физички посета на домовите на испитаниците или преку видео онлајн интеракција. сп/лв/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан