• петок, 17 април 2026

Драмскиот театар - Скопје ќе потпише партнерство со „Динес клуб“ и организира крводарителска акција по повод Светскиот ден на театарот

Драмскиот театар - Скопје ќе потпише партнерство со „Динес клуб“ и организира крводарителска акција по повод Светскиот ден на театарот

Скопје, 27 март 2026 (МИА) - По повод 27 Март - По повод Светскиот ден на театарот, Драмскиот театар Скопје ќе потпише договор за покровителство со „Динес клуб интернатионал мак“ АД Скопје означувајќи почеток на ново партнерство во рамките на одбележувањето на 80-годишнината на театарот. Настанот се оценува како значаен чекор во унапредувањето на културната соработка и поддршката на театарската уметност, како и поттик за развој на нови проекти и активности во интерес на публиката.

По потпишувањето на меморандумот, предвидени се изјави за медиумите од директорот на театарот, Роберт Вељановски, и директорот на „Динес клуб интернатионал мак“ АД Скопје, Тони Јанковски.

Одбележувањето на Светскиот ден на театарот веќе почна со организирани посети на деца од предучилишна возраст и ученици од основно училиште, со цел да се доближи работењето на театрите до најмладата публика.

 

Со мотото „Дарувај крв - одиграј ја најхуманата улога!“, во соработка со Црвениот крст на РСМ - Општинска организација Карпош, Драмскиот театар, денеска, од 11 до 17 часот, организира хуманитарна акција за дарување крв. Целта е да се поттикне свеста за значењето на крводарителството и да се помогне во спасување човечки животи.

- Со само еден чин на дарување секој поединец може да придонесе за спасување нечиј живот, да даде надеж и да биде дел од еден синџир на добрина што ја прави заедницата посилна и похумана. Актерите од Драмскиот театар ги повикуваат сите граѓани да се вклучат во акцијата и да станат дел од чин на солидарност и хуманост. Секој крводарител ќе добие подарок - два билета за театарска претстава од редовниот априлски репертоар - соопшти ДТС. дма/хс/

Фото: Драмски театар Скопје

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан