• вторник, 24 декември 2024

Драмски театар - Скопје ја именува големата сцена „Ристо Стефановски“

Драмски театар - Скопје ја именува големата сцена „Ристо Стефановски“

Скопје, 28 март 2024(МИА) - Драмски театар - Скопје ја именува својата голема сцена во „Ристо Стефановски“, кој беше театролог, театарски работник, театарски историчар и долгогодишен директор на оваа културна установа (1957-1983). Беше промовирана и монографијата „Ристо Стефановски“.

Ристо Стефановски (1928-2022), на 22 април 1957 година бил назначен за директор на Куклениот театар, подоцна преименуван во Младинско-детски театар и на крај преименуван во добро познатиот Драмски театар во Скопје, каде бил директор повеќе од  25 години.

Промоторката на монографијата „Ристо Стефановски“ Искра Гешовска потенцира дека Стефановски не е само втемелувач на Драмскиот театар, туку и на современиот македонски театар. Додаде  дека тој е  најпрогресивниот директор, со визија и со непрегорност, не само за театарот туку и генерално, за институционалната култура и за она што треба да значи и како треба да се развива стратешки една институција од сферата на културата.

Директорката на Драмски театар Викторија Рангелова Петровска информира дека Стефановски ја отвора вратата, го зацртува патот, ја создава основата, и низ годините ги води најголемите премрежиња, борби и победи на Драмски театар.

-Најистакнатите македонски театарски режисери, драмски автори, актери и останатите креативни чинители, ќе имаа понеизвесен пат во градењето на професионалната кариера доколку не добиваа отворени можности од страна на Стефановски. Оттука тој не работеше само за растењето на Драмски театар, туку делуваше во целокупниот културен растеж на државата. Неговата визија, умешност и сеопфатна посветеност, им овозможи на соработниците и вработените во Драмски, по секој постигнат успех да зрачат со неподнослива гордост и оправдана ароганција. Стефановски успеа вредносните критериуми да ги постави високо на скалата и никогаш не отстапи од нив. Тој имаше свој правилник за успех по кој мора да се делува, потенцира Рангелова Петровска.

Додаде дека и денес некои од  нивните  колеги од другите театари на шега го нарекуваат Драмски „домаќински театар“.

-И домаќинлукот му го должиме на Ристо, тој/тоа е седмото правило од прирачникот за успех, потенцира Рангелова Петровска.

Промоторката на монографијата „Ристо Стефановски“ Искра Гешовска  информира дека Драмскиот театар - Скопје му оддава чест на Ристо Стефановски, кој е втемелувач, основач, поставувач на визионерските и стратешките насоки на понатамошниот негов развој.

-Со ова монографско издание за Ристо Стефановски, како и со именувањето на големата сцена на театарот се покажува дека не само што има јадра кои пркосат на оваа доминантна култура на заборавот, туку и дека постои јасно проникнување во втемелувањето на она што значи императивна вредносна вертикала, потенцира Гешовска.

Посочи дека монографското издание внимателно уредено од Александра Бошковска, е важен придонес кон аргументацијата за историското значење на Ристо Стефановски, не само за Драмскиот театар, туку за историјата на современиот театар. Во него се поместени делови од неговите дневнички записи, делови од рефлексиите на колешките и колегите, соработничките и соработниците на Стефановски, хронолошки и биографски единици и факти поврзани со целокупната дејност на Стефановски. Станува збор за концентриран, систематично сублимен преглед, или, како што рече, ако сакате резиме, на еден столб во македонската современа култура.

-Ракописот на оваа монографија, ни потврдува дека Ристо Стефановски, не само што е од оние ретките во нашата култура кои со љубов и врвно знаење работела во сферата на менаџирањето, развивањето и архивирањето на театарот, како една од најкомплексните институционални структури, туку, уште поважно, според фактите на историјата на македонскиот театар, како уникатно посветен директор и театролог тој дава непроценливо важен и единствен придонес за осовременувањето, еманципирањето на театарот и во организациска смисла и во репертоарна смисла, потенцира Гешовска. ад/мд/

Фото: Драмски театар - Скопје 

Остани поврзан