• среда, 25 декември 2024

До 31 мај компаниите може да аплицираат за склучување на договори за финансиска поддршка на инвестиции

До 31 мај компаниите може да аплицираат за склучување на договори за финансиска поддршка на инвестиции

Скопје, 22 мај 2023 (МИА) - Рокот за аплицирање на заинтересираните компании за склучување на договори за финансиска поддршка на инвестиции по Законот за финансиска поддршка на инвестиции е до 31 мај годинава, информира денеска Кабинет на вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.

Како што се наведува во соопштението, преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, Владата дава поддршка за инвестиции на компаниите кои ја зголемуваат нивната конкурентност преку нови производствени процеси, воведување на нови технологии и креирање на подобро платени работни места.

- Поддршката, довербата и партнерскиот однос од година во година расте, што го покажува и бројот на потпишани договори за државна помош. Во Законот за финансиска поддршка на инвестиции воведовме нови, афирмативни мерки, првата е за поддршка на рамномерниот регионален развој, со која компаниите добиваат дополнителен стимул за инвестирање во помалку развиените региони. А втората е мерка која ги поттикнува и поддржува компаниите да инвестираат во истражување и развој, се наведува во соопштението.

Од Кабинетот на вицепремиерот Битиќи наведуваат дека се избришани разликите помеѓу домашни и странски компании и денес сите компании кои работат во нашата земја имаат исти услови и можности да добијат поддршка од државата.

Субјекти кои можат да бидат корисници на финансиска поддршка се деловни субјекти се оние кои започнале продуктивна почетна инвестиција, кои оствариле пораст на вкупни приходи од работењето во последната година во однос на просекот од претходните три години или за пократок период доколку деловниот субјект е регистриран и започнал со дејност во период пократок од четири години сметано од денот на доставување на барање за доделување на финансиска поддршка, како и оние кај кои просечниот број на вработени во последната година во однос на просекот од претходните три години не бил намален за повеќе од 5 отсто или за пократок период доколку деловниот субјект е регистриран и започнал со дејност во период пократок од четири години, сметано од денот на доставување на барање за доделување на финансиска поддршка.

Рокот за склучување на договори за финансиска поддршка за инвестиции е најдоцна до 31 мај, а за поднесување на барања за исплата на финансиска поддршка за реализирани инвестиции во претходната година најдоцна до 31 август 2023 година.

Деловниот субјект може да аплицира за финансиска поддршка за нови вработувања, за воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи од земјава, за воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување, за инвестициски проекти од значаен економски интерес, за пораст на капитални инвестиции и приходи, за преземање на деловни субјекти во потешкотии, за зголемување на конкурентност на пазарот, како и за инвестиции во помалку развиените региони за поттикнување на рамномерниот регионален развој. сп/

Остани поврзан