• сабота, 23 ноември 2024

Донација од бугарската амбасада во Албанија за општина Пустец

Донација од бугарската амбасада во Албанија за општина Пустец

Тирана, 1 мај 2024 (МИА) - Бугарската амбасада во Албанија донираше опрема и компјутери за мултифункционалниот објект на општината Пустец, област населена со македонско малцинство, јави Репорт тв.

Додава дека пакетите покриени  со бугарското знаме предизвикале реакција од страна на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, која бугарските симболи во оваа општина ги смета за провокација.

- Бугарското знаме е целосна провокација. Тоа е со цел  да се создаде впечаток дека тука живее различно малцинство од она што го признала албанската држава, а тоа се Македонците. Државата мора да реагира бидејќи на овој простор се знае дека има само македонско малцинство. Овде признаваме две знамиња, албанско и  знамето на оваа област, македонското, изјавил Ефтим Митревски, потпретседател на партијата.

Градоначалникот на Пустец, Пали Колефски ја поздравил донацијата и изјавил дека „знамето не е проблем се додека нема политичка заднина".

-Секоја донација што нема задни намери, која не го нарушува идентитетот на областа е добредојдена. Во моментот кога ќе дојде донација, ќе ја прифатиме бидејќи развојот на областа ни е важен. Не гледам етнички проблем, луѓето се изразија на пописот и немаше поплаки. Проблемот што го има Северна Македонија со Бугарија сметам дека треба да се реши во Скопје и Софија а не овде во Пустец, ние сме општина во Република Албанија. Секоја помош што доаѓа за заедницата е добредојдена, рекол Колефски.

Бугарскиот амбасадор во Албанија, Ивајло Киров, во својот поздравен говор меѓу другото нагласил дека бугарската влада неколкупати донела помош за Пустец, опишувајќи ја својата земја како најголем донатор за оваа заедница.

Информацијата ја пренесуваат и други медиуми и сите наведуваат дека во оваа општина живеат припадници на македонското малцинство. вт/дма/


Фото: принтскрин

 

Остани поврзан