• четврток, 04 декември 2025

Доделени наградите од конкурсот за ликовна и литературна творба по повод Светскиот ден на штедењето

Доделени наградите од конкурсот за ликовна и литературна творба по повод Светскиот ден на штедењето

Скопје, 3 декември 2025 (МИА) - Во Народната банка традиционално биле доделени наградите од конкурсот за ликовна и литературна творба за основните и средните училишта, што Народната банка го организира во соработка со Министерството за финансии по повод Светскиот ден на штедењето.

Според гувернерот Трајко Славески, пристигнатите трудови ја потврдуваат значајната улога на финансиската едукација во градењето свесни, одговорни и финансиски писмени млади луѓе.

- Штедењето не е само собирање средства. Тоа е филозофија на животот којашто ни овозможува да ги исполнуваме нашите желби, да обезбедиме сигурност за нашата иднина, но и да ги градиме стабилноста и благосостојбата на целото општество. Денес, овој пристап добива уште поголема важност, бидејќи живееме во време на брзи промени, дигитализација и нови финансиски предизвици и можности, истакнал гувернерот.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски нагласил дека младите покажуват дека секое мало штедење може да биде почеток на голема цел.

- Вие сте пример дека знаењето, вложениот труд и желбата да се мисли за иднината се вредности кои го движат општеството напред. Овој ден нека биде поттик да продолжиме сите заедно – ученици, наставници, родители и институции – да ја негуваме финансиската писменост, да развиваме здрави навики и да создаваме генерации кои ќе знаат да донесуваат мудри одлуки, посочил Јанкуловски. 

На конкурсот, како што соопшти Народната банка, пристигнале неколку стотици трудови од ученици од основното и средното образование на теми посветени на важноста на штедењето, финансиската писменост и улогата на финансиските услуги во современата дигитална ера. Основците твореле на тема „Да штедиме за нашите желби, да штедиме за нашата иднина“, а средношколците на темата „Штедењето, парите и финансиските услуги во современата дигитална ера“.

- Конкурсот, којшто се објавува од 2012 година, прерасна во значајна платформа за поттикнување на младите да размислуваат за финансиските концепти, штедењето и одговорното управување со средствата. Низ литературните творби, ликовните цртежи и есеите, учениците ги претставија своите погледи, знаења и лични цели. Народната банка и понатаму активно ќе вложува во зајакнувањето на финансиската писменост, преку предавања, работилници, конкурси и натпревари, особено кај младите генерации. Секоја година илјадници ученици и студенти имаат можност да присуствуваат на едукативни активности во Народната банка, а ова ќе продолжи и во иднина, се наведува во денешното соопштение од централната банка. бак/са/

Фото: Народна банка

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан