• понеделник, 16 декември 2024

Договорот за унгарскиот заем ќе биде дел од закон што ќе се носи низ транспарентна процедура во Владата и Собранието

Договорот за унгарскиот заем ќе биде дел од закон што ќе се носи низ транспарентна процедура во Владата и Собранието

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски не знае од каде се обезбедени парите што Унгарија ќе и ги даде на земјава како заем. Битно е, нагласи вечерва, дека се работи за договор помеѓу две влади. Заемот, рече, ќе биде дел од закон што ќе помине транспарентна процедура, на владина седница и во Собранието, „без претходно да се протне на шверцерски начин или на него да се лепат европски знаменца“.

Мицкоски уште еднаш повтори дека со унгарските пари и ниските каматни стапки државава заштедува над 100 милиони евра.

-Ова е  договор за специјална соработка, влада помеѓу влада, врз основа на нашите потреби. Тука се моето лично пријателство и разговорите што ги водевме изминатиот период и сега, дека ако бидеме влада ќе ни треба подршка и таа поддршка ја добивме. На Орбан треба да му дадеме орден, да го прогласиме за херој што ни помага, даде конкретна поддршка. Заемот е Влада со Влада, а дали тие пари Владата на Унгарија ги обезбедува на отворен пазар или од сопствени средства, не знам. Мене ме интересира договорот кој ќе биде дел од закон, а не шверцерски протнат, истакна Мицкоски во гостување на „Топ тема“.

Тој тврди дека унгарската страна нема дополнителни барања за одобрениот заем.

-Кога правиме договор, се се става на маса. И има ли некои барања? Еве нема. Има ли некои барања од Орбан за тоа? Нема. Сум кажал ли јас такво нешто, не, рече Мицкоски.

На прашањето дали имал забелешки од евроамбасадорите за соработката со Орбан, Мицкоски истакна дека „соработката е наша внатрешна работа“. мч/нд/

Фото: МИА архива и принт скрин

 

Остани поврзан