• среда, 27 ноември 2024

ДКСК: Иницијатива до ЈО за постапка против одговорни во четири општини и Државното правобранителство за договорите со новинарката Ејупи

ДКСК: Иницијатива до ЈО за постапка против одговорни во четири општини и Државното правобранителство за договорите со новинарката Ејупи
Скопје, 1 јуни 2022 (МИА) - Државната комисија за спречување на корупцијата донесе одлука да поднесе иницијативи до Јавното обвинителство за поведување постапки за гонење на одговорните лица на општините Петровец, Сарај, Брвеница и Чаир и Државното правобранителство, за склучените договори за дело со новинарката Бесмира Ејупи. - Основа за овој предмет се написите кои се појавија во медиумите во однос на исплата на средства по однос на договор за дело на едно лице од повеќе институции, односно како што е познато за новинарката Бесмира Ејупи која по основ на договори за дело добивала средства од четири општини и една државна институција. Имајќи предвид дека нашиот Закон во член 2 вели дека под корупција се подразбира злоупотреба на функција јавно овластување службена должност или положба за остварување корист директно преку посредник за себе и за други, јасно е дека за овие ситуации постои таква можност за кривично гонење, рече Катица Николовска член на ДКСК која на денешната седница го образложи предметот од документите што ги добиле од институциите. Таа појасни дека до сите нив било испратено барање за да доставаат соодветна документација поврзана со овој предмет. Од добиените документи, рече, се гледа дека ова лице со Државното правобранителство има два договора од март 2021 и се уште активен во 2022 година со делокруг на работни задачи од Одделение на општи и заеднички работи, работно место за кое веќе имало вработео едно лице. Карактеристично, според Николовска, е дека во извештаите за извршените работи секој месец се користени исти зборови, иста содржина, ист распоред, дури се користи еден терк за секој месечен извештај. Во општина Чаир истото лицето има два договори почнувајќи од 15 март 2021 година, согласно кои треба да врши студиско аналитички нормативно правни работи од делокруг на Одделение за општи и заеднички работи, што како што истакна Николовска, се буквално истите задачи предвидени во ангажманот во Државното правобранителство. - Она што е интересно е што Општина Чаир воопшто нема одделение за општи и заеднички работи и нема советник за општи и заеднички работи. Очигледно е дека постои координирана активност на кој основ и по кој модус да се ангажира лицето за да обезедува приходи. Во јануари 2022 година договорот со ова лице е раскинат, рече таа. Според Николовска, во извештаите има ист наратив како во оние за сработеното од Државното правобранителство, но, вели, дополнително е известено и за следење на медиумите поврзано со општина Чаир и на градоначалникот, како и за активностите за време на изборната кампања. Ова лице имало и три договори со Општина Сарај, од 1 април 2021, со кои требало да организира работи кои се во надлежност на градоначалникот, протокол, прес-конференции, средби и друго. Според ДКСК, од доставениот акт за вработени во општинската адмистрација евидентно е дека во систематизацијата имало предвидено работно место со активности кои се преклопуваат со задолженијата од договорот доделени на ова лице, а видно е и дека работното место е пополнето. -Во извештаите за извршени работи е наведено дека таа ги следела медиумите и нивните објави оврзани со Општина Сарај, но и за локални избори. Во ниту еден извештај нема ниту збор за извршени активности кои биле дел од договорот, истакна Николовска. Според неа, законите предвидуваат раководното лице во институцијата да може да пополни работно место преку договор за определено работно, што, како што истакна, не значи и договор за дело како во случајот, но за замена на привремено отсутен работник, привремено зголемен обем на работа, сезонска работа, непредвидени краткотрајни активности, работа на проекти и пополнување на посебни места во кабинети на избрани личности. Ова значи, нагласи таа, дека во Државното правобранителство и општините Сарај и Чаир не бил исполнет услов на ваков начин да биде вработено лице, бидејќи, како што рече, за  сите тие работни задачи кои се исполнуваат на одредено работно место веќе се ангажрани лица. Законски, додаде таа, институциите не можат да ангажираат лица за физичка или интелектуална работа врз основа на договор на дело повеќе од 1 посто од број на вработени во претходна година односно повеќе од три лица во институции каде вкупниот број вработени лица е помал од 300 лица, а работата врз основа на договорот да не трае подолго од 24 месеци. Но, додаде таа, има и исклучок од ова решение, кој предвидува со согласност од Министерството за финансии да може да се ангажираат лица над утврдениот процент и со подолго траење од предвиденото, што, нагласи, остава можност за злоупотреби. Ејупи имала два договора и со Општина Брвеница мај 2020 до декември 2021, но по нив не и биле исплатени средства. Сепак, нагласи Николовска, интересно е што задачите кои се доделуваат се со исти активност како во Државното правобранителство и во општина Чаир. Се користел, рече, истиот образец на модел на договор. - Но во април 2021 уште еден договор со средства исплатени и тој се повикува на закон за вработување и осигурување во случај на невработеност, рече Николовска, додавајќи дека и во овој слулчај извештаите за извршената работа се со наратив и природа на работи кои соодвествуваат со работите од извештаите доставени од Државното правобранителство. Во Општина Петровец, пак ова лице било ангажирано за следење јавни повици за потреби на општината, поднесување барања за предлог проекти грантови, подготовка и поднесување на потребна документација, комуникација со донатори, надлежни министерства и други државни ограни, превод на документација... Но, појасни Николовска, ова е поразличен договор, иако, како што рече, извештаите за извршени обврски се со идентичен наратив секој месец, како и со извештаите од другите општини и Државното правобранителство. Таа посочи дека е евидентно оти во нив нема ниту еден збор за активности за кои била ангажирана. сст/ац/    

Остани поврзан