• вторник, 24 декември 2024

ДКСК повторно одлучи во корист на Силјановска - Давкова, АСЈО треба да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели

ДКСК повторно одлучи во корист на Силјановска - Давкова, АСЈО треба да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели

Скопје, 19 април 2024 (МИА) - Државната комисија за спречување на корупцијата попладнево донесе одлука со која и предлага на Академијата за судии и јавни обвинители да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели до завршување на изборите.

-  Се задолжува Академијата за судии и јавни обвинители започнатата постапка за прием на 130  слушатели, да ја стави во мирување до завршување на изборите за избор на претседател на државата и пратеници во Парламентот и Владата, се вели во одлуката.

Одлуката е донесена со четири гласа „за“ и еден „против“. Против одлуката е дозволена тужба во рок од 24 часа.

Против одлуката гласаше Софија Спасова Медарска, која ги образложи причините за нејзината одлука. Како што појасни, според Уставот, судската власт е самостојна, независна и јасно одвоена од законодавната и извршната власт и согласно тоа процесите што се одвиваат во рамки на правосудството, не би смееле да се доведуваат во врска и да зависат од политичките процеси, како што е изборниот процес.

Итноста и неопходноста од нови кадри во рамки на правосудството, како што изјави таа, можат да ја проценуваат и определуваат само Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во чија надлежност е да ги следат состојбите со испразнетите места и да го определат потребниот број на слушатели кои ќе ги едуцира Академијата во секоја генерација.

Спасова Медарска се осврна и на даденото мислење од страна на претходен состав на ДКСК, од кое смета дека не треба и не може да се отстапи, затоа што, нагласи, нема суштинска разлика во состојбите.

- Ова од причина што и тогаш и сега се работи за постапка за прием на слушатели на почетна обука во АСЈО и тогаш и сега истото било планирано и започнато пред изборите и тогаш и сега за истите претходно била обезбедена согласност за обезбедени финансиски средства за вработување и тогаш и сега предметната одредба од Изборниот законик е иста. Начелото на законитост му налага на органот да постапува исто во иста или слична правна ситуација. Ако во 2017 година, Државната комисија при иста или многу слична фактичка и правна ситуација дала мислење дека нема законска пречка да се реализира започната постапка за вработување, се поставува прашање како може сега да се смета дека истото постапување претставува повреда на законот, посочи Спасова Медарска пред гласањето.

На 6 април до Антикорупциската комисија беше доставен приговор од кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска - Давкова дека Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

Приговорот од Силјановска - Давкова беше  поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата на судии и јавни обвинители поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот беше вратен во ДКСК на повторно постапување. бд/бак/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан