• вторник, 05 ноември 2024

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска - Давкова за кршење на изборни правила

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска - Давкова за кршење на изборни правила

Скопје, 10 април 2024 (МИА) - Сомневањата за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик се основани, приговорот поднесен од Гордана Силјановска - Давкова, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, се усвојува. Вака едногласно, со пет гласа, одлучи денеска Државната комисија за спречување на корупцијата, постапувајќи по приговорот доставен од Силјановска - Давкова, кој се однесува за кршење на изборните правила.

Комисијата, согласно надлежностите, ќе преземе мерки и ќе иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи. 

Против одлуката е дозволена тужба до Управниот суд.

Силјановска - Давкова на седницата на ДКСК рече дека е убедена оти Академијата ги крши законите што ги навела. Според неа со објавувањето на огласот и со спроведувањето на постапката, како што додаде, се влијае врз изборниот процес.

- Јас, исто така, ќе ги информирам за ова, ОБСЕ ОДИХР, ИФЕС, како и донаторите на Академијата. Зошто се одлучив среде изборен процес да се обратам со приговор до ДКСК? Зашто добив допис дека политичар во кампањата оди и вели дека „ако сакате да бидете судии или јавни обвинители“, тогаш значи оди и ветува, дека „ќе бидете примени на Академијата и еден ден и заради тоа ќе станете и судии или јавни обвинители“. Значи, веќе во Академијата во конституирањето на органите, во работата на органите, кога има вклучено луѓе кои се политичари и членови на партии, тоа фрла определена сенка, бидејќи тие можат да именуваат и во вашите органи, па и во приемната комисија, свои претставници. На тоа решение остро реагирав и во Парламентот, меѓутоа дописот ми покажува дека навистина продолжува опасноста од политизација и партизација и затоа се обратив, рече Силјановска - Давкова.

Според приговорот на Силјановска - Давкова, доставен на 6 април до ДКСК, Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

Во образложението на приговорот, пишува дека Академијата за судии и јавни обвинители во јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година, АСЈО го објавила распоредот за полагање на квалификацискиот тест.

- Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе, што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување, со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик, пишува во приговорот на Силјановска - Давкова. 

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер - Дамјановска на седницата нагласи дека се незадоволни од одлуката и оти правдата ќе ја бараат пред Управен суд, а, како што рече, најголеми губитници во овој случај се кандидатите.

Таа подвлече дека во прашање е сериозен јавен интерес, што ќе има долгорочни последици врз капацитетот на работењето на судовите и обвинителствата. 

- Значи воопшто датумски не се совпаѓа целиот наш процес на тестирање со рокот што е определен во законот. Нашиот процес почна во јануари 2023 година и сѐ уште трае, подвлече Габер - Дамјановска, додавајќи дека не се знае точно, кога тој процес ќе заврши и оти не се работи за класично вработување. 

Државниот советник со овластување да ја застапува Академијата  за судии и јавни обвинител, Сања Пандилов рече дека веруваат во институциите на системот, истакнувајќи оти во Академијата се почитуваат законите.

Ова беше втора седница на Антикорупциската комисија. бд/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан