• четврток, 26 декември 2024

Димоски ја прими наградата „23 Октомври“: Македонскиот идентитет е втемелен во македонскиот јазик и кирилицата

Димоски ја прими наградата „23 Октомври“: Македонскиот идентитет е втемелен во македонскиот јазик и кирилицата

Скопје, 23 октомври 2024 (МИА) - На поетот, есеист и преведувач Славе Ѓорѓо Димоски денеска му беше врачена државната награда „23 Октомври“ за долгогодишно остварување во областа на културата и уметноста.

Димоски одбележува два јубилеја, 65 години од раѓањето и 45 години творештво. Неговата поезија е преведена на над 35 јазици на сите континенти. Автор е на шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел над триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година. Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Антево перо“, „Ацо Шопов“, Гран при интернационал (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија),... Двапати е добитник и на највисокото охридско признание „Св. Климент - Патрон на Охрид (2000 и 2012). Основач е и долгогодишен раководтиел на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“.

Како што истакна Димоски во обраќањето откако му беше врачена наградата, македонскиот идентитет е втемелен во македонскиот јазик и кирилицата. Јазикот и писмото, рече, се еден од нашите идентитетски столбови.

-Ако поетот замолчи, ќе замолчат и душата и јазикот, а душата на нацијата е и јазикот, порача Димоски.  

Според него, поетскиот јазик не е конкурентен на денешниот потрошувачки свет, бидејќи доаѓа од сакралните проблесоци на исконско постоење и цврсто се држи на стожерот на опстојувањето.

-Јазичната политика е во темелот на националната политика. Најзначајниот елемент на културната политика е дека македонскиот идентитет е втемелен во македонскиот јазик и кирилицата. Јазикот и писмото се еден од идентитетските столбови на сите нас. Ако поетот замолчи ќе замолчи и душата на јазикот. А душата на нацијата е и јазикот. На крај ја примам оваа награда во името на оваа вечна земја. На мојата вечна земја. Вечноста и бог се едно исто. Нашата Република е мала но огнена. Таква била Крушевската Република, таква била асномската република, таква е и оваа република денес. Толку ни ги стеснале границите што нема простор за друго име освен за Република Македонија, истакна Димоски.

За него, државната награда „23 Октомври“ е една од најзначајните во земјава.

-Преку основањето на Македонската револуционерна организација на овој ден во 1893 година во Солун, па преку Илинденското востание 1903-та и најважниот документ „Крушевскиот манифест“ кој подоцна се преточи во асномските определби за слободна Македонија и „8 Септември“ конечно Република Македонија да биде слободна самостојна држава, е континуитет кој на највисоко ниво ги изразува слободарските идеи и идеали на македонскиот народ. Јас доаѓам од сферата на литературата и ракувањето со зборовите. Токму Македонската револуционерна организација ја собра тогашната македонска интелигенција, токму во неа се поставени и темелите на идниот стандардизиран македонски јазик, токму од нејзините пазуви се изнедри златната книга „За македонцките работи“ во која К.П.Мисирков го постави фундаментот на идниот современ македонски јазик, потенцира Димоски.

На конкурсот за „23 Октомври“ пристигнале 25 пријави, но Одборот со тајно гласање одлучил државната награда да му припадне на Славе Ѓорѓо Димоски.

Врачувањето, традиционално, се одржа во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија.

Државната награда „23 Октомври“ се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија. мч/дма/

фото: МИА

 

 

 

 

 

Остани поврзан