• петок, 20 декември 2024

Димитровска: Недостигот на буџетски средства, опрема и недоволната екипираност влијаат на функционирањето на ДКСК

Димитровска: Недостигот на буџетски средства, опрема и недоволната екипираност влијаат на функционирањето на ДКСК

Скопје, 10 јули 2024 (МИА) - Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска на денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, на која се расправаше за Годишниот Извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2023 година истакна дека недостигот на буџетски средства, опрема и недоволната екипираност влијаат на функционирањето на Комисијата.

-Извештајот за буџетот ДКСК за 2023 година ги идентификува следните состојби – средствата за плати и надоместоци опфаќаат над 81 процент од целокупниот буџет, средствата за стоки и услуги учествуваат со 16 проценти, додека средствата за капитални расходи се само 3 проценти што покажува дека доколку сакаме подобрување на функционирањето на Комисијата неопходни се дополнителни средства за капитални инвестиции и за тековни потребни на институцијата. Недостигот на средства и опрема значително влијае на функционирањето на ДКСК. Без доволно инвестиции во институционалните капацитети, особено е тешко и предизвикувачки со потребната ефикасност и одговорност да ги исполните нашите законски задолженија, рече Димитровска.

Ова, како што кажа, е особено важно во насока на исполнување на нашата мисија за борбата против корупцијата и осигурување на интегритетот во јавниот сектор.

- Секретаријатот на ДКСК успеа да пополни 47 од планираните 64 работни лица, сепак состојбата покажува недоволна екипираност. Препораките за дополнителни средства за нови вработувања се клучни за подобрување на функционирањето на институцијата во борбата против корупцијата. Извештајот покажува на итно изменување и дополнување на буџетот на ДКСК за да се обезбедат доволно средства кои се неопходни за функционирањето на Комисијата и квалитетот на услугите кои што ги обезбедува, рече Димитровска.

Претседателката на Антикорупциска се пожали оти се соочуваат со предизвици во однос на доставувањето на податоци од институциите кои вршат именувања и разрешувања на именуваните и избрани лица.

-Комисијата се соочи со предизвици во однос на доставување на податоци од органите, односно од институциите кои вршат именување и разрешување што влијаеше и на точноста на податоците во регистарот на избрани и именувани лица, вели Димитровска.

Апелира на редовно ажурирање на податоци од страна на институциите кои вршат избор и именување и кои имаат законска обврска за да доставување на овие податоци со чие непостапување претставува сериозна закана за работата на ДКСК за кое во иднина Комисијата ќе преземе мерки во согласност со законските надлежности.

Дмитровска нагласи дека примиле 649 пријави, започнале проверка на 21 носител на јавна функција, а издале 160 прекршочни платни налози, односно наплатени глоби во висина од околу 13 илјади евра, а решиле 1.139 предмети.

Таа најави дека приоритет во иднина ќе бидат координирани напори да се подобри интегритетот и ефикасноста во правосудниот систем. Како и досега, потенцираа Димитровска, ќе продолжиме неселективно, непристрасно и транспарентно и во овој нов состав со стремежот за ефикасна борба против корупцијата.

Договорено е работните групи на власта и на опозицијата за законот за јавно обвинителство да имаат средба до крајот на неделава, изјави денеска на прес-конференција во Собранието пратеникот о

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски истакна дека структурата на извештајот за работата на ДКСК за 2023 година е солидно направен и ги опфаќа сите надлежности на комисијата, но рече дека непостапувањето на Републичкиот судски совет е тотално разочарување и како колективен орган и како персонални решенија, а споменатата Чачорова Илиевска би требало да си поднесе оставка а тоа да биде еден чекор кон можната и потребна реформа.

-Во извештајот, актуелен е овие денови делот каде што Антикорупциската комисија се осврнува на политичките критериуми на реформата на јавната администрација, на правосудниот систем и на борбата против корупцијата. Во делот на правосудниот систем пишува дека не е постигнат напредок во правосудството, Судскиот совет треба да се заложи на заштита на интегритетот и независноста на судиите. По однос на извештајот на ДКСК за 2023 година ценам дека има сериозни заклучоци кои што можат да послужат на многу институции како упатство за постапување, за подобар резултат во борбата против корупцијата, но во однос на непостапувањето на републичкиот Судски совет тоа е тотално разочарување и како колективен орган туку и како персонални решенија споменатата Чачорова Илиевска би требало да си поднесе оставка а тоа да биде еден чекор кон можната и потребна реформа која што Собранието и сите институции треба да ја направат, бидејќи со ваков состав на републичкиот Судски совет не верувам дека може да се постигне со истите луѓе да се постигнат различни резултати, рече Милошоски.

Пратеникот смета дека ова треба да се употреби како аргумент за да се засили притисокот за нужната  реформа во Судскиот совет.

-Татјана Чачорова Илиевска би требало да си поднесе оставка од местото член на  Судскиот совет бидејќи нејзе и се поблиски и подраги судиите и колегите во Академијата за судии и јавни обвинители отколку што и се битни законските одредби. Личностите кои што сметам дека не треба да членуваат во вакви високи институции се аргумент зошто е неопходна реформа на Републичкиот судски совет е тоа што Татјана Чачорова Илиевска која што работела како адвокат и била правен советник за правни работи на поранешниот премиер Зоран Заев не ги чита ниту начелните правни мислења на Врховниот суд што е нејзина задача,  истакна Милошоски.

Пратеникот од Коалицијата „Влен“, Халил Снопче рече дека темата за корупцијата е болна тема и оти без ветинг на судиите и обвинителите државата не постигнала ништо во и однос на оваа тема.

-Извештаите за работата на ДКСК и Народниот правобранител се одлични на хартија, но остануваат само извештаи и многу препораки кои се ставаат остануваат само препораки и тие во некоја форма се повторуваат од година во година, рече Снопче кој повтори дека се залага за ветинг на судиите и обвинителите.Треба реформи во судскиот систем, кои досега отсуствуваше.

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска нагласи дека овие извештаи служат како патоказ за да се види како држава каде сме и каде треба да стигнеме.

-Борбата против корупцијата и организираниот криминал е борба која што трае и ќе трае, меѓутоа наша задача, на сите нас кои сме вклучени во овој систем, е таа борба секогаш да ја подобруваме. Извештајот е навистина исцрпен, детален, и практично можам да кажам дека е пример за тоа како и останатите институции кои се во државата треба да доставуваат извештаи во кој јасно се отсликува што било работата, што е сработено, но и предизвиците. Во современите општества заканата од корупција и организиран крриминал преставува и безбедносна закана, рече Петровска.

Членовите на собраниската Комисија за политички систем  и односи меѓу заедниците на денешната седница само го разгледаа  Годишниот Извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2023, а усвојувањето останува на наредното продолжение на седницата затоа што претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов ја прекина.фф/ев/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан