• сабота, 23 ноември 2024

Димитриевски: ЗНАМ ќе се води од националните и државни интереси во идните коалиции за влада

Димитриевски: ЗНАМ ќе се води од националните и државни интереси во идните коалиции за влада

Скопје, 2 мај 2024 (МИА) – ЗНАМ очекува уште поголема поддршка на парламентарните избори од страна на граѓаните и ја доживувам како трета политичка сила, посочи денеска претседателот на Движењето „За наша Македонија“, Максим Димитриевски.

-Мојата политика, заедно со мојот тим, ќе ја градам врз база на принципи и доколку Македонија е во ситуација во која треба да се обезбеди стабилност, тогаш партиските интереси ќе бидат во втор план, а националните и државните интереси во прв план.
На Македонија и е повеќе од потребно национално, македонско обединување 
по примерот на Албанците, рече Димитриевски во гостувањето на ТВ 24 Вести.

Ја доживувам ЗНАМ, посочи, како трета политичка сила, за којашто на следните избори ќе направам се, заедно со мојот тим, да биде втора политичка сила во државата  и да претендира за власт.

-Сметам дека ние нудиме исправни политики кои можат Македонија да ја направат држава на сите нејзини граѓани. Самоодржлива држава, во која ќе се живее достоинствено и никој нема да сака да си оди затоа што не може да си најде парче леб со квалитетите кои ги поседува, потенцира Димитриевски.

Прво што ќе промениме ако дојдеме на власт, вети, е да ја вратиме државата на граѓаните. 

-Ние сега имаме приватна држава, која е наменски кроена и прекроена и за тие што се во актуелната власт, но и за оние коишто до вчера беа власт, рече Димитриевски.

Посочи дека завршил со СДСМ, но додаде дека искрено жали за членството во таа партија, чесни, некомпромитирани членови со кои поминал многу, со кои се бореле под исто знаме и исти идеи, а коишто денеска се напуштени од раководството на СДСМ.

-Коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ ќе зависи од ставовите по изборите. Првично да се преброиме. Одлуките ќе ги донесат органите и телата на ЗНАМ, а дополнително, ние не бркаме власт по секоја цена и можна е опцијата да останеме и во опозиција, рече Димитриевски. 

Уште еднаш повтори дека ДУИ е непосакуван партнер, поради тоа што, како што рече, направи невидена мајоризација во Македонија и преку ДУИзација создал слика дека станува збор за масовна албанизација. 

Според него, ДУИ треба да се казни со отсуство од власта за доброто на сите граѓани. Нагласи дека казнувањето на ДУИ не значи казна на Албанците.

Тој ги повика граѓаните масовно, во што поголем број да излезат на гласање на 8 мај и да го поддржат кандидатот за претседател по сопствено убедување.вј/аа/

Фото: ЗНАМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан