• вторник, 24 декември 2024

Дигиталното управување и одговорната употреба на ВИ во фокусот на Регионалната конференција за интернет-слобода на БИРН

Дигиталното управување и одговорната употреба на ВИ во фокусот на Регионалната конференција за интернет-слобода на БИРН

Скопје, 18 јуни 2024 (МИА) - Дигиталното управување, приватноста и заштитата на податоците, онлајн дезинформациите, насилниот екстремизам и одговорната употреба на вештачка интелигенција се во фокусот на Регионалната конференција за интернет-слобода што се одржува во Скопје од денеска до 20 јуни во организација на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН).

На конференцијата на која ќе присуствуваат експерти од областа на дигиталните права и слободи од сите релевантни полиња, како и на институции задолжени за политиките поврзани со интернетот ќе се зборува и за родово засновано насилство преку информатичките и комуникациските технологии (ИКТ), како и регионалните иницијативи за управување со интернетот каде учествуваат повеќе засегнати страни.

Како што информираше во изјава за медиуми пред отворањето на конференцијата, Ана Петрушева, директорка на БИРН, учесниците доаѓаат од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

- Денеска почнуваме со претставници на агенциите за заштита на правото на приватност и податоци. Меѓутоа, исто така, ќе се зборува и за тоа како да се користи вештачката интелигенција на одговорен начин, што со изборните процеси во ерата на дезинформации, снимањето и повредата на правата на приватност во однос на поставувањето на камери во различни градови, но, и многу други теми, кои што, за жал, се од исклучителна важност во сите наши општества, но, не се толку високо на агендата, се разбира, и во однос на другите теми и политиката кои ја преокупираат јавноста, образложи Петрушевска.

Преку ова, од БИРН се надеваат дека ќе ја подигнат свеста, но, како што рече Петрушева, и ќе ги инспирират  новинарите повеќе да се занимаваат со оваа тема.

Директорката на БИРН оцени дека оваа тема не е многу застапена кај нас, и има многу аспекти што би требало да ни бидат во фокусот на известувањето.

- Мислам дека, за жал, оваа тема кај нас не е многу експлоатирана, не е високо на агендата. Од тоа што го следиме, една од работите кои што ги работевме беше примерот со тоа колку лесно се злоупотребуваат правата на граѓаните и колку беше лесно, примерот со брзите кредити, да се стават податоците на граѓаните и да се злоупотребуваат на тој начин. Сега, како резултат и на нашето известување и на многу други колеги, имаме некаква измена во таа регулатива, па не е толку едноставно некој само да даде слика од лична карта, и да може тоа на тој начин да поминува. Меѓутоа, повторно ќе речам, има многу аспекти, многу прашања од оваа тема кои што би требало многу повеќе да ни бидат во фокусот на известувањето, рече таа.

Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека живееме во свет во кој дигиталната трансформација нуди огромни можности и предности, но, исто така, и предизвици.

- Оваа конференција е можност да се погледне во медиумскиот свет и предизвиците кои ги носи дигитализацијата, дали се тоа дезинформациите, сајбер нападите, онлајн булингот и целиот спектар на проблеми, рече тој.

Гир дополни дека е добро што тука се собрани повеќе новинари кои ќе дискутираат за она што треба да се направи и како заедно можеме да осигураме дека има бенефит од дигиталниот свет, но, истовремено и како да се заштитиме од негативните страни што постојат во дигитален контекст.

- Предизвикот е секаде, во ЕУ, исто така, и затоа ја сменивме легислативата, да се подобри заштитата во Северна Македонија и во регионот. Има огромни предизвици и мора да бараме поголема заштита на овие права, нагласи евроамбасадорот.

БИРН континуирано ги следи прекршувањата на дигиталните права (вклучувајќи, но не ограничувајќи се на говор на омраза, дезинформации, нарушување на приватноста, насилство врз малцинствата, отстранување на содржини, сајбер закани).

Тие изработуваат годишни извештаи и препораки кои имаат за цел да се подобрат политиките и напорите за застапување околу дигиталните права и слободи.

Активностите имаат за цел да ги вклучат другите локални медиуми од регионот на Западен Балкан во известувањето за дигиталните права преку обезбедување обуки и грантови. ар/нд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан