Дигиталната ера ги поврзува децата од различни етнички заедници, јазикот не е пречка за нивна комуникација
- Предизвиците на дигиталната ера, говорењето англиски јазик, комуникацијата поврзана со игрици, филмови, песни, храната и други активности надвор од училиштето се само дел од сличностите што ги поврзуваат младите од различни етнички заедници во Струга. Тоа го покажа проектот „Мулти-култи училници“, што го реализира здружението за развој и активизам „Аква“ од Струга финансиран од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Струга, 18 јуни 2023 (МИА) - Предизвиците на дигиталната ера, говорењето англиски јазик, комуникацијата поврзана со игри, филмови, песни, храната и други активности надвор од училиштето се само дел од сличностите што ги поврзуваат младите од различни етнички заедници во Струга. Тоа го покажа проектот „Мулти-култи училници“, што го реализира здружението за развој и активизам „Аква“ од Струга финансиран од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Во рамки на овој проект во основното училиште „Браќа Миладиновци“, формирани се три групи со по 20 ученици од шесто до деветто одделение од паралелки по македонски, албански и турски јазик, кои преку креативни алатки изучуваат за сличноста со другите етнички заедници.
Целта на проектот, според Славивца Јовческа претседател на здружението за развој и активизам „Аква“, е да се запознаат најмладите со мултикултурализмот преку креативни алатки за изразување во училиштето.
За тоа, појасни, најпрво, направиле обуки со наставниците кои се дел од проектот, а потоа опремиле три мулти културни училници со лаптопи, прожектори и други материјали потребни за работа.
- Креиравме три мултикултурни училници, ги опремивме со алатки, кои овозможија преку игра на креативен начин децата од различни етнички заедници да запознаат и да ги откријат сличностите кои ги поврзуваат, истакна Јовческа, посочувајќи дека целиот процес го надгледуваат ментори, кои им помагаат на наставниците доколку има потреба од тоа.
По запознавањето, учениците поделени во две групи, според талентот што го поседуваат работеа на уметност и музика. На крајот од проектот беа насликани мурали со кои беше разубавена училишната зграда, а оние што се занимаваа со музика ќе имаат завршен настап со песна изведена на македоснки, албански и турски, односно трите јазици опфатени во проектот.
За начинот на кој комуницираат учениците од различните етнички заедници и како ги откриваат сличностите МИА разговараше со Селпи Пошка и Јасмина Кукунешоска, наставнички по англиски јазик во ОУ „Браќа Миладиновци“, кои се дел од проектот. Селпи и Јасмина се искусни наставнички во однос на реализацијата на повеќе проекти во матичното училиште, а активностите кои ги спроведуваат преку својата креативност ги користат и во редовниот наставен процес.
Запознавање преку игра
Учениците, како што појасни Кукунешоска, најпрво се собираат во опремената училница за неформален пристап, токму за таа намена.
- Најпрво учениците се запознаваат преку игра. Правиме круг каде секој - секого може да види и слушне, да се запознаат и да разговараат на одредена тема. Почнавме со кажување збор со почетна буква од нивното име. Учениците сите го повторуваа за подобро да ги меморираат сите учесници на работилницата, појасни Јасмина.
На еден од часовите била опфатена темата „идентитет“, кога на учениците им било објаснето што значи идентитет, тие преку игра ги истакнувале карактеристиките на сечиј идентитет. За реализација на активностите користат различни материјали, на хартија ги внесуваат карактеристиките на својата личност, како функционираат во училиштето и надвор од него, што е битно за една личност, традиција, религија, семејство, спорт и други сегменти од секојдневието.
- Креиравме еден цвет. На секој лист од цветот направивме карактеристики за секоја индивидуа. На учениците им беше интересно да кажат по една карактеристика што асоцира на нивниот идентитет. Тука вклучивме: традиции, музика, спорт, нешто што го карактеризира ученикот како личност, раскажува Кукунешоска.
Мултиетнички пријателства преку сличности
Учениците од различните етнички заедници имаат повеќе сличности меѓу себе отколку различности, смета наставничката Селпи Пошка. Тоа, според неа, поттикнува атосфера на меѓусебна соработка.
- Тие ученици имаат повеќе сличности него различности. Затоа различно од другите мултикултурни проекти, ова е проект во кој се нагласува нивната сличност. Денешните деца се сите родени во дигиталната ера. Иако говорат на различни јазици, меѓу себе комуницираат на англиски јазик, зборуваат за американската култура, песни и активности надвор од училиштето, вели Пошка.
Денешните деца, нагласува, се деца на дигиталната ера. Тоа и ги поврзува, без разлика на етничката, верската, религиозната и друга припадност.
- Децата, кои ние ги учиме се деца кои припаѓаат на таа дигитална ера. Заедно зборуваат за времето поминато на телефон, омилени серии, игри, песни, зборуваат за цртање и пеење. Живеат во некоја виртуелна реалност, тоа е факт. Затоа нашиот конвенционален образовен систем служи како атмосфера каде што тоа може да се исфилтрира и да се извлече бенефит за градење на нивниот интелектуален профил, истакнува наставничката Селпи.
Работилниците биле на англиски јазик, бидејќи пред се Јасмина и Селпи се наставници по англиски јазик, што воопшто не било проблем, бидејќи учениците се пронаоѓале себе си во таа култура.
- Тука бевме претпазливи да посочиме дека англиската или американската е еден вид култура и не значи дека треба да ја попримат, туку е само алатка која може да се искористи во меѓусебното комуницирање и соработка, додаде Пошка.
Бенефитот од проектите, заклучи е што децата продолжуваат да се дружат и надвор од работилниците.
- По поминатите разговори во училница тие подобро се запознаваат, чуствуваат меѓусебна блискост и веќе имаат изградено пријателство, кое не мора да се мониторира, туку е природно, забележува Селпи.
Кукунешоска посочи дека тие ученици, освен што се среќавале низ училишните ходници, се познавале и од заеднички активности надвор од училиштето, како приватни часови, курсеви и слично.
Соработката и дружбата на децата порака за општеството
Овие деца, според Јовческа, се пример во училиштето, покажуваат дека сите сме насочени кон нашите афинитети без разлика на етничката припадност и оти тоа е она што не спојува нас.
Учеството во работилници, додаде Пошка, повлекува поголема самодоверба кај децата, подобри се во ораторство, по отворени да споделуваат искуства и да слушаат поинакви перспективи.
- Ваквите пристапи несомнено учествуваат во нивната изградба како поотворени луѓе, што е и една од целите. Овие деца се производ на меѓусебна соработка и дружење, а со тоа испраќаат и порака во општеството. Децата кои може да се поздрават на друг јазик во ходниците сами по себе се пораката дека сосема е во ред да функционираме заедно без разлика на кој јазик говориме и реалноста е дека функционираме заедно, нагласи Пошка.
Подобрени вештини и побогати знаења
Прекрасното искуство од деновите поминати во „Мулти - култи училници“ го пренесоа Матеј Далчески ученик во 6 одделение и Сема Тсока седмо одделение во ОУ „Браќа Миладиновци.
За Сема проектот бил одлично искуство, време поминато во забава, едукација и тимска работа.
- Проектот беше одлично искуство за мене. Ми помогна да ги подобрам моите вештини и знаења и да ги почитувам мислењата на луѓето. Мислам дека ваквите проекти се најдобриот начин да се поврзете со другите, рече Тсока.
За тоа дека изминатиот период во „Мулти - култи училници“ поминал незаборавно и научил многу ни раскажа и Матеј.
- Да бидам искрен имам прекрасно искуство. Активностите беа многу забавни и си поминав прекрасно. Запознав и многу нови другари, научив нови зборови, како и нови видови хоби кои можам да ги пробам. Севкупно, беше многу убаво и се надевам дека ќе учествувам и во други проекти, рече Далчески.
Ефектите од работата на проектот, според Јовческа, покрај во општеството може да ги почуствуваат и во организацијата, откако овие ученици ќе станат средношколци ќе имаат голем интерес за учество во работилниците што ги организираат, бидеќи овие деца се отворени разбираат дека постојат различни култури, етникуми и процеосте полесен за учење на нешто што е заедничко за нив што ги спојува, а се различни реалности.
Слаѓана Стојкова Костоски
Фото: Здружение „Аква“