Д-р Божиновски за МИА: Пушењето предизвикува последици и кај нервниот систем, пушачите може да доживеат и анксиозност кога имаат потреба од цигари
- Пушењето на долг рок може да доведе и до појава на рак, најчесто на белите дробови, мочниот меур и други ткива. Предизвикува последици и во нервниот систем, најчесто преку директно оштетување на васкуларните структури, а е асоцирано и со појавата на мозочните удари. Доколку едно дете не е завршено со својот раст и пропуши, може да пројави понизок раст, проблеми со дишењето и има висок ризик да добие рак на белите дробови, вели директорот на Универзитетската клиника за неврологија, д-р Јован Божиновски, во интервју за МИА.
Скопје, 5 февруари 2026 (МИА)
Рената ПЕПЕЉУГОСКА
Пушењето предизвикува последици и на нервниот систем, најчесто преку директно оштетување на васкуларните структури, а е асоцирано и со појавата на мозочните удари, вели директорот на Универзитетската клиника за неврологија, д-р Јован Божиновски, во интервју за МИА.
Според него, неколку секунди се потребни за никотинот да стигне од белите дробови до мозокот. Оние што се пушачи, нагласува тој, имаат значително повисок ризик за васкуларни и цереброваскуларни заболувања, кои често се појавуваат акутно, т.е. со појава на повеќе симптоми за многу кратко време, како одземеност на функцијата на раката и ногата на едната страна на телото, вртоглавица, неможност за стоење, проблеми со видот, а некои пациенти со овие состојби може наполно да изгубат и свесност. Укажува и на последици од нарушената васкуларна функција, која може да ја намали способноста на нервите да се одржуваат.
- Без оглед на тоа дали еден пушач пријавува дека не се чувствува некако поинаку кога пуши цигара, сепак, познато е дека во тие моменти крвните садови се стегнати повеќе отколку што треба, се покачува крвниот притисок, се забрзува работата на срцето. Покрај сето ова, пушачите може да доживеат и анксиозност кога имаат потреба од цигари, што дополнително го оптоварува организмот со непотребен физички стрес - истакнува д-р Божиновски.

Во врска со почнувањето со пушење цигари од рана возраст, т.е. во пубертетот, вели дека тоа води до посебно поголеми последици.
- Доколку едно дете не е завршено со својот раст и пропуши, може да пројави понизок раст, проблеми со дишењето, а на среден и долг рок сè што спомнавме претходно. Особено висок е ризикот за рак на белите дробови кај пушачите што почнале на рана возраст. Влијанието врз централниот нервен систем е неповолно, особено додека е во развој, при што се развива болест на зависност, која може да влијае на развојот на детето во повеќе сегменти и да го ограничи. Дел од овие последици се проследени и кај деца што не се пушачи, но се постојано изложени на чад од цигари - истакнува д-р Божиновски.
Според него, луѓето што се откажале од пушење може да почувствуваат повеќе подобрувања, како олеснeто дишење, олеснeта подвижност или зголемена физичка издржливост.
- Исто така, познато е и дека луѓето што се откажале од цигари сепак имаат помала шанса да заболат од рак на белите дробови во споредба со оние што останале пушачи, а оваа разлика се зголемува, особено кај оние што ги откажале цигарите во последните 10 години. Постојат и повеќе видови третман под водство на специјалисти психијатри, кои може да помогнат во одвикнување од цигарите - нагласува д-р Божиновски.

Какво е Вашето мислење во врска со предлог-законот за заштита од пушење и колку пушењето цигари влијае за појава на некој вид рак на централниот (мозок и 'рбетен мозок), периферниот и на автономниот нервен систем?
Сметам дека овој закон, конечно, адресира нерегулирани производи, кои од неодамна се достапни на нашето поднебје. Сега имаме можност постојното законско решение да го осовремениме и, секако, ова е фаза во која треба да се треба да се слушнат мислењата на сите засегнати. Од позиција на лекар можам да кажам дека пушењето е појава што води до повеќе проблеми за здравјето на самиот пушач, но и на оние околу него. Гледано од точка на јавното здравје, пушењето е еден од најчестите ризик-фактори за многу болести, кој може да се превенира. Причина за ова однесување и за оваа појава е внесувањето никотин, кој може за кратко време да создаде зависност, т.е. потреба повторно да се користи. Сепак, во последните 10-ина години станаа актуелни и други производи што содржат никотин и може да создадат зависност слична на онаа што ја имаат пушачите, а не е исклучено оваа навика да биде влезна врата за развој на вистински никотинизам, т.е. зависност и од цигари. Тоа може да бидат производи на согорување на разни принцип или други формулации, како кесички и фластери. На тој начин постои јасна потреба актуелното законско решение да фати чекор и со времето, но и со овие појави.
Во однос на пушењето и болестите, оваа навика може да доведе кон повеќе последици. Најрано и најлесно се развиваат последици врз васкуларниот систем и респираторниот систем, со оштетување на артериите и вените, забрзување на процесите на артериосклероза, како и други подоцнежни компликации, како стенози, тромбози итн. Респираторниот систем страда и од иритативното дејство, а кај пациентите што имаат веќе проблеми со други респираторни болести може да им го влоши здравјето за кратко време. На долг рок пушењето може да доведе и до појава на рак, најчесто на белите дробови, мочниот меур и други ткива. Пушењето исто така предизвикува последици и на нервниот систем, најчесто преку директно оштетување на васкуларните структури, а е асоцирано и со појавата на мозочните удари.

Кај кои други заболувања на нервниот систем е докажана поврзаноста со пушењето цигари и со какви симптоми доаѓаат на Клиниката за неврологија пациенти што пушат?
Бидејќи спомнавме за некои болести и за оваа навика, можеме да зборуваме малку и за тие болести. Клиниката за неврологија е насочена кон откривањето и третманот на невролошките болести, каде што во голем дел се среќаваат и васкуларните и цереброваскуларните болести. Обично оние што се пушачи имаат значително повисок ризик за овие заболувања, кои често се појавуваат акутно, т.е. со појава на повеќе симптоми за многу кратко време, како одземеност на функцијата на раката и ногата на едната страна од телото, вртоглавица, неможност за стоење, проблеми со видот, а некои пациенти со овие состојби може наполно и да изгубат свесност. Постојат и други невролошки болести, каде што пушењето може да се сретне како ризик-фактор и често се работи за последици од нарушената васкуларна функција, која може да ја намали способноста на нервите да се одржуваат.
Дали заболувањата на нервниот систем може да се лекуваат и што опфаќа лекувањето?
Постојат разни болести на нервниот систем, кои може да се пројават за кратко време или, пак, да покажат постепен развој на симптоми. Почнувајќи од главоболките, кои се најчеста причина за посета на невролог, па сè до посериозни состојби, постои начин тие да се откријат и да се третираат. Понекогаш се работи и за болести што оставиле непоправлива штета, но сепак таму постојат третмани што ќе може да ублажат некој симптом, како болката, или некако ќе влијаат позитивно на начинот на живеење на пациентот. Лекувањето е можно на повеќе начини, во зависност од состојбата, преку разни мерки - од активно следење на состојбата, апликација на фармаколошка терапија, мерки за рана физикална рехабилитација, а во некои сценарија пациентите се лекуваат и хируршки од страна на колегите неврохирурзи. Притоа некои од пациентите со посериозни состојби се задржуваат и за болничко лекување, кое опфаќа повеќе мерки со кои се следи и лекува пациентот.

На никотинот му се потребни само неколку секунди за да дојде до мозокот и може да ја наруши способноста за размислување и да предизвика негативни емоции. Што се случува во мозокот при секојдневна изложеност на никотин?
Најчесто се наведува дека неколку секунди се потребни за никотинот да стигне од белите дробови до мозокот. Ефектите од никотинот се разликуваат кај луѓе што не внесуваат никотин и кај оние што внесуваат. Кај првите може да се појават и симптоми на нестабилност и вртоглавица или, пак, студ во рацете и стапалата, кои се повлекуваат бргу. Кај вторите ефектите од никотинот често и не се „доживуваат“, т.е. пациентите го прават тоа од навика, т.е. од зависност, но тоа не значи дека телото не им е изложено на стрес. Така, без оглед на тоа дали еден пушач пријавува дека не се чувствува нешто поинаку кога пуши цигара, сепак познато е дека во тие моменти крвните садови се стегнати повеќе отколку што треба, се покачува крвниот притисок, се забрзува работата на срцето. Покрај сето ова, пушачите може да доживеат и анксиозност кога имаат потреба од цигари, што дополнително го оптоварува организмот со непотребен физички стрес.
Според едно истражување, 40 проценти од младите пушат, а првата цигара ја палат на 13-години. Какви промени се создаваат во развојот на нивниот мозок и когнитивните функции?
Почнувањето со оваа навика на рана возраст, т.е. во пубертетот, води до посебно поголеми последици. Доколку едно дете не е завршено со својот раст и пропуши, може да пројави понизок раст, проблеми со дишењето, а на среден и долг рок сè што спомнавме претходно. Особено висок е ризикот за рак на белите дробови кај пушачите што почнале на рана возраст. Влијанието врз централниот нервен систем е неповолно, особено додека е во развој, при што се развива болест на зависност, која може да влијае на развојот на детето во повеќе сегменти и да го ограничи. Некои од овие последици се проследени и кај деца што не се пушачи, но се постојано изложени на чад од цигари.

За оној што пуши цигари велат дека е зависен бидејќи потребата за тутун не се намалува, туку, напротив, се зголемува, со исклучок на луѓе што палат по некоја цигара одвреме-навреме. Што ја предизвикува таа зависност?
До крај не е познато што ја предизвикува таа зависност, но постојат повеќе социјални, наследни и други фактори. Почнувајќи од достапноста на цигарите, способноста на никотинот да создаде потреба и зависност, па сè до тоа дали населението е изложено на такви примери, дали го смета за прифатлива појава, сето тоа влијае на актуелната слика на овој јавноздравствен проблем. Постојат повеќе протоколи за лекување на оваа зависност, кои се состојат од придржување до одредени инструкции, остварување терапевтски сеанси со психолог и психијатар, како и фармаколошка терапија, која може да ја намали потребата за цигари кај оние што сакаат да се одвикнат. Ова најмногу се разгледува во доменот на психијатријата и често бара да се посвети доста време и услови од страна на пациентот за да се постигне некаков успех. Тука треба секако да напоменеме дека превенцијата е нешто што може да ни помогне најлесно да се справиме со овој јавноздравствен предизвик.

Колку често на Клиниката има случаи со труење предизвикано од внесување прекумерни дози никотин и дали тие луѓе продолжуваат да пушат цигари и по третманот?
Акутниот никотинизам, т.е. труењето со никотин, е состојба што е во доменот на токсикологијата, каде што се справуваат со последиците од оваа специфична појава. Долгогодишните пушачи покажуваат висока толеранција за никотинот и се во состојба да испушат три кутии на ден, без да почувствуваат никакви симптоми. Сепак, доколку толкава количина никотин е внесена од страна на некој што не е пушач, и тоа за кратко време, можно е да се појават и симптоми на труење со никотин. Познато е дека никотинот во течни формулации, доколку се истури на кожата, може да се апсорбира во телото и да се создадат услови за труење со никотин. Труењето со никотин може да биде состојба што може да ескалира и неповолно, почнувајќи од вртоглавици, гадење и повраќање, до срцебиење, играње во мускулите, висок крвен притисок итн. и да изискува и краткотраен болнички третман.

Дали и откажувањето од пушење предизвикува некакви промени и колку време никотинот останува во телото?
Откажувањето од пушењето може да предизвика рани промени, како и подолгорочни поволни промени. Некои од оние што се откажуваат во прво време може да имаат тешкотии, нервоза, потреба да запалат цигара, но по некое време, да кажеме од неколку недели, таа состојба се ублажува. Она што може да се случи на среден и долг рок е пациентите да почувствуваат повеќе подобрувања, како олеснето дишење, олеснета подвижност или зголемена физичка издржливост. Исто така, познато е и дека луѓето што се откажале од цигари сепак имаат помала шанса да заболат од рак на белите дробови во споредба со оние што останале пушачи, а таа разлика се зголемува особено кај оние што ги откажале цигарите во последните 10 години.

Која е Вашата препорака до пушачите? Дали да се откажат постепено или наеднаш?
Постојат повеќе начини да се одвикнете од пушењето. Тоа може да биде нагло или постепено, но без разлика, секој треба да се обиде и да се потруди да го најде својот рецепт.
Доколку смета дека не може сам или се обидел повеќепати да се откаже, но без јасен успех, тогаш може да се обрати и до професионалците за помош, така што постојат и повеќе видови третман под водство на специјалисти психијатри, кои може да помогнат во одвикнување од цигарите. рп/паг/
Фото: Дарко Попов