• четврток, 26 февруари 2026

Австрискиот амбасадор во Кавадарци, разговарано за регионален центар за противпожарна тренинг обука 

Австрискиот амбасадор во Кавадарци, разговарано за регионален центар за противпожарна тренинг обука 

Кавадарци, 5 февруари 2026 (МИА) - Отворање на Регионален центар за противпожарна тренинг обука во Кавадарци со австриска поддршка е главната тема на разговор на денешната средба во Кавадарци меѓу кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и австрискиот амбасадор, Мартин Памер. По заедничката средба, во изјава за медиумите, Јанчев истакна дека во земјава таков центар не постои.

-Нашето шумско стопанство е едно од најголемите во Македонија, има физибилити студии, има проект, а веќе Австриската амбасада преку Владата има учество во поголем  дел од општините во делот на противпожарната заштита, нивно опремување, нивна обука. Би било добро, еден таков центар да се добие во Македонија, каде што нашите пожарникари и при шумското стопанство и при територијалните противопожарни единици, ќе добијат соодветни обуки, соодветен третман и соодветни насоки, за делување на различни и ризични  пожари. Нешто што ќе ни биде и те како од голема помош, истакна градоначалникот.

Тој и амбасадорот подвлекоа дека доколку се изгради таков систем и добра екипа со добра опрема, обучените ќе можат да делуваат овде но и пошироко, во било која друга држава. 

Памер, исто како и Јанчев, изрази задоволство од соработката и спремност таа соработка да продолжи и во иднина.

-Има толку многу работи што заедно можеме да ги направиме, нагласи амбасадорот.

Било разговарано и за економски проекти, во делот на винарството, туризмот, како и околу поддршка за културни настани. свд/вј/

Фото: МИА 

 

 

 

 

 

Остани поврзан