• среда, 25 декември 2024

ДЗР лани извршил 68 ревизии со кои биле опфатени 136 субјекти

ДЗР лани извршил 68 ревизии со кои биле опфатени 136 субјекти
Скопје, 8 јуни 2022 (МИА) – Државниот завод за ревизија (ДЗР) во 2021 година изврши 68 ревизии во кои предмет на ревизија биле 136 субјекти за што издаде 109 ревизорски извештаи во кои се констатирани неправилности во износ од околу 116 милиони евра, покажуваат резултатите од Годишниот извештај за работата на ДЗР што е веќе објавен. -Со извршените ревизии имаме констатирано неправилности во делот на договорите за јавни набавки кои изнесуваат приближно 96 милиони евра. Се однесуваат во делот на слабост во реализација на склучените договори за јавни набавки, слабости во фазата на склучување на договорите, неправилности при подготовка на тендерската документација или техничката спецификација, тендерска документација која содржи ограничувачки елементи во делот на конкуренцијата, неправилности во евалуацијата на понудата и слабости во делот на планирање на јавните набавки. Во делот на помалку пресметани или помалку уплатени средство во Буџетот на државата, пак, се утврдени неправилности во износ од 20 милиони евра, истакна главниот државен ревизор Максим Ацевски на денешната средба со новинарите на која беше презентиран Годишниот извештај  за извршените ревизии и за работата на ДЗР за 2021 година. Нагласи дека во 2021 година се спроведени и три ревизии кои се однесуваат на мерките и политиките на Владата во делот на спроведување со последиците од пандемијата со Ковид-19. -Со извршените ревизии констатиравме поголем број неправилности во делот  на она што значи почитување на критериумите за доделување на таквите средства, мониторингот на начинот на користење на средствата и известувањето во делот на користењето на средствата. За утврдените неправилности дадени  се одредени препораки со што како ДЗР повторно придонесовме за враќање на дел од несоодветно искористените средства во Буџетот на државата, посочи Ацевски. Како што кажа, извршена е и ревизија во делот на задолжување на субјектите од јавниот сектор, односно степен на искористеност на кредитите и заемите и платените средства односно трошоци за капиталните инвестиции. -Со оваа ревизија опфатени се повеќе капитални инвестиции кои се однесуваат на изградбата на автопатишта, железничка пруга и Медицинскиот центар во Штип. При тоа се констатирани неправилности во делот на начинот на планирање на капиталните инвестиции, мониторингот и навременото искористување на средствата кои се ставени на располагање за користење на капиталните инвестиции. Сето тоа предизвика и одредено одлевање на споредни трошоци од Буџетот на државата како последица од ненавременото користење на кредитните средства, прецизира Ацевски. Потенцира дека во изминатата година ДЗР прифатил 39 отсто од барањата за ревизија што, како што рече, може да ги достави секој граѓанин или заинтересирана странка на веб-страницата на Државниот завод за ревизија. вј/лв/

Остани поврзан