• сабота, 23 ноември 2024

Дендиас му честиташе на Хабиб за историскиот договор меѓу Либан и Израел за одредување на морските зони

Дендиас му честиташе на Хабиб за историскиот договор меѓу Либан и Израел за одредување на морските зони
Атина, 11 ноември 2022 (МИА) – Честитки за „историскиот договор меѓу Либан и Израел за одредување на морските зони“ упати шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас до неговиот либански колега Абдулах Бу Хабиб по нивната средба во Атина и порача дека овој договор создава и модел и покажува дека разграничувањето на морските зони е можно „кога е исполнет основниот услов: почитување на меѓународното право и правилата за дијалог“, јави дописничката на МИА од Атина. Министерот за надворешни работи на Либан истакна дека договорот со Израел беше склучен иако двете земји немаат официјални односи, нагласувајќи дека беа успешни напорите за посредување на САД и паралелно изрази надеж дека со Израел ќе започнат напорите за решавање на спорот за копнената граница. Дополнително, Хабиб се осврна и на бегалското прашање и сериозниот проблем со кој се соочува Либан, истакнувајќи дека во земја со четири милиони жители, имаат два милиони бегалци од Сирија. Шефот на грчката дипломатија рече дека за конкретното прашање, Грција ќе направи се што може за да го покани либанскиот МНР на појадок на министрите за надворешни работи на Европската унија за да може лично тој да ги објасни предизвиците со кои се соочува Либан, но и решенијата што ги предлага. Министрите за надворешни работи на Грција и Либан за време на нивната денешна средба потпишаа и меморандуми за разбирање, едниот за укинување на визите за оние кои имаат дипломатски и службени пасоши, а другиот за дипломатското образование.ср/зш/

Остани поврзан