• вторник, 24 декември 2024

Дендиас и Чавушоглу со кус и неформален разговор за кафе на маргините на Преспа форумот во Охрид го „скршија мразот“

Дендиас и Чавушоглу со кус и неформален разговор за кафе на маргините на Преспа форумот во Охрид го „скршија мразот“
Атина, 17 јуни 2022 (МИА) – Грчките и турските министри го „кршат мразот“ во односите меѓу двете земји со куси меѓусебни разговори - шефовите на двете дипломатии во Охрид, на Преспа форумот за дијалог, а министрите за одбрана во Брисел на НАТО состанокот, јави дописничката на МИА од Атина. Станува збор за први, неформални и куси средби откако во изминатиот период, особено по изјавата на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган дека за него грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис не постои, односите меѓу двете земји се особено затегнати со низа меѓусебни обвинувања. Никос Дендиас и Мевлут Чавушоглу вчера беа во Охрид и учествуваа на Преспа форумот, но беа на одделни сесии, што се одржаа една по друга и се начекаа додека турскиот министер за надворешни работи пиеше кафе, па нивниот разговор што траеше не повеќе од 30 секунди беше токму за кафето, дали е турско, грчко или еспресо. -Мевлут!, му довикна Дендиас на Чавушоглу. -Еј Нико, како си?, одговори турскиот министер и се поздрави со неговиот грчки колега. Дендиас го праша Чавушоглу, што пие и доби одговор дека тоа е кафе, еспресо, „бидејќи денот ќе биде долг“. -Не турско, не грчко?, праша Дендиас. Министерот за надворешни работи на Турција одговори дека турското и грчкото кафе се всушност исто кафе, но тој пие еспресо. Дендиас на Твитер објави фотографија со Чавушоглу и напиша дека имал „социјално ракување“ со неговиот турски колега. Двајцата министри за надворешни работи, освен колеги, се и добри и стари пријатели. Од друга страна, министрите за одбрана на Грција и Турција, Никос Панајотопулос и Хулуси Акар имаа кус разговор на маргините на Самитот на министрите на НАТО што се одржа во Брисел. Панајотопулос и Акар, како што соопштија од Министерството за одбрана на Грција,„ја истакнале важноста на одржувањето на отворените канали на комуникација во духот на добрососедските односи и фокусирање на позитивната агенда што ќе придонесе во градењето подобра клима и во билатералната и регионалната соработка“. Министерот за одбрана на Грција, ја истакнал и важноста на намалувањето на тензиите. ср/

Остани поврзан