• вторник, 24 декември 2024

Демири: Економската директорка на Клиниката за токсикологија го нема прекршено законот

Демири: Економската директорка на Клиниката за токсикологија го нема прекршено законот

Скопје, 27 мај 2024 (МИА) – Министерот за здравство Илир Демири, денеска на прес-конференција рече дека не гледа причина да ја разреши економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази која, како што истакна, го нема прекршено законот.

Во одговор на новинарско прашање зошто економската директорка на Клиниката за токсикологија не е разрешена, Демири вели таа ги нема вработено осумнаесетте лица и посочи дека тие 12 месеци се во работен однос и немало реакции кога биле вработени.

– Зошто да ја разрешам? Вие сте се фатиле околу Бесија, организациониот директор на Клиника за токсикологија. Таа ги нема вработено тие 18 лица, туку тие се вработени во 2023 година, служеле 12 месеци. Каде бевте вие и претходните директори и министри да кажете за квалитетот или неквалитетот и зошто дозволувате тие луѓе да се на список за дежурства и смени, а еден месец пред изборите, вие реагирате зошто се вработени. Јас чекав да поминат изборите, имам факти од кои дел ги имам објавено на страната на Министерството за здравство. Медицинскиот директор кој заедно со другиот колега се трудеа да направат мобинг, ги разрешив и јавно кажав за тоа. Треба да имам цврсти докази за некого да разрешам. Бесија во ниеден момент не го прекршила законот, рече Демири.

Министерот вели дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат не реагирал за тоа што пет месеци осумнаесетте вработени во Клиниката за токсикологија не примале плата, како и дека доставувал извештаи до некои медиуми, пред да има доставено до Министерството за здравство.

– Кај беше ДСЗИ да реагира што пет месеци тие не примале плата? Кај е ДСЗИ да достави извештај за тоа што се случува во хируршките сали. Зошто новинарски куќи добиваат извештаи од ДСЗИ пред мене? Зошто ДСЗИ така постапува? Јас сум министер за здравство, јас треба да имам извештаи од ДСЗИ пред да излезат во новинарски куќи. За ова што го кажувам може да се уверите кога се архивирани, кога се дадени во кабинетот на министерот за здравство, истакна Демири.

Државниот санитарен и здравствен испекторат изврши контрола на Клиниката за токсикологија во однос на договорите за работа при што констатира дека договорите се со потпис од само еден директор. Директорката на ДСЗИ Рената Младеновска во петокот во изјава за медиумите рече дека согласно Законот за здравствена заштита, овие договори се сметаат за непотпишани и го повика Министерството за здравство да постапи понатаму.  ра/бак/

Фото: МИА принтскрин

 

Остани поврзан