• недела, 28 јули 2024

Делчевската библиотека со зголемен број читатели

Делчевската библиотека со зголемен број читатели
Делчево, 22 јуни  2022 (МИА) - Зголемен e бројот на читателите во Јавната локална библиотека „Илинден" од Делчево. Библиотеката во моментот има над 730 читатели, а тенденцијата, како што информира директорката Биљана Петровска, е таа бројка да расте.
- Во изминатите 20 дена од јуни, зголемен е бројот на посетители во библиотеката, особено во попладневните часови. Заклучно со 21 јуни оваа година, бројот на членовите во билблиотеката изнесува 731, од кои околу 500 се активни читатели. Во текот на месец јуни најчитан е авторот Крис Картер, а најбарани наслови се „Татијана и Александар“ и „Клетва“. Во овие убави јунски денови некако помалку барани се трилерите, а повеќе се бара нешто лесно и интересно, изјави Петровска.
Од библиотеката ги информираат читателите дека и во летниот период ќе работат секој работен ден до 18 часот.
- Приликата ја користиме да ги информираме сите ученици дека библиотеката ги има сите лектирни изданија за следната учебна година. Кога сме кај лектирните изданија, во месец јуни најчитани беа лектирите „Белото циганче“ и „Зоки Поки“ од основното образование и „Македонска крвава свадба“ од средното образование, соопштија од ЈЛБ „Илинден".
И во текот на летото најавија дека библиотеката ќе се потруди да ги обезбеди најновите и актуелни изданија на задоволство на читателската публика. вс/бт/

Остани поврзан