• понеделник, 16 март 2026

Две вешти лица предложени од одбраната сослушани на судењето поврзано со градењето на објект за театар и библиотека во Тетово

Две вешти лица предложени од одбраната сослушани на судењето поврзано со градењето на објект за театар и библиотека во Тетово

Тетово, 16 март 2026 (МИА) -  Судскиот процес за повеќе кривични дела поврзани со изградбата на новиот објект за потребите на тетовските театар и библиотека за што се обвинети четворица луѓе и едно правно лице во Основниот суд во Тетово почна од почеток со оглед дека поминале 90 дена од почетокот на главната расправа.  Бранителите на обвинетите и обвинителот се согласија да се репродуцираат досегашните записниците со што беше овозможено да продолжи судскиот процес.

На денешното рочиште, беше разгледан Наод и мислење на вештото лице Душанка Попова, дипломиран архитект, која го има изработено по барање на обвинетото правно лице Урбан План Констракшн. Таа одговори на прашања на бранителите и обвинителот кои се однесуваат на количините на градежни материјали и нивната поврзаност со набавената вредност.

Следуваше и сослушување на Јане Демјански од Заводот за вештачења кој имаше изготвено Наод и мислење како вешто лице за материјалното, финансиското и сметководственото работење. Обвинителството немаше прашање за ова вешто лице.

Судењето продолжува на 20 април 2026 година кога пред судот своите наоди ќе ги презентираат вештите лица предложени од бранителите на обвинетите лица во овој процес.

Обвинети се Сејди Шасивари, сопственик и управител на обвинетото правно лице од Тетово Урбан План Констракшн, Хаки Фазлиу, тогашен директор на Националната установа – Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ – Тетово, Артан Арслани претседател на Комисијата за јавни набавки, а потоа и в.д. директор на Центарот за култура, како и Бајрам Муча, како главен надзорен инженер во правно лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015 – 2020 година.

На почетокот на судењето на 25 ноември 2015 година обвинетите истакнаа дека не се чувствуваат виновни.

Според Обвинителството, првообвинетиот Шасивари и второобвинетото правно лице сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од чл. 275-в од Кривичниот законик. Обвинетите Фазлиу и Арслани сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, додека обвинетиот Муча сторил продолжено кривично дело кривично дело Несовесно работење во службата. ас/вј/

Фото: МИА 

Остани поврзан