• сабота, 23 ноември 2024

Дванаесет години од првиот број на македонскиот весникот „Илинден“

Дванаесет години од првиот број на македонскиот весникот „Илинден“

Дебар, 1 март 2023 (МИА) - Весникот „Илинден“, единствен печатен медиум на македонски јазик во Албанија, денеска одбележува дванаесет години од објавувањето на првиот број.

- Пред точно дванаесет години, на први март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број на весникот, како гласило на македонското друштво „Илинден“- Тирана. Во овој изминат период, весникот побуди голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник.

Весникот, оценува тој, прераснал во медиум кој со сериозноста и со пристапот во објавувањето на темите, е интересен и корисен за македонското национално малцинство во Албанија и од име на редакцијата искажува посебна благодарност до читателската публика и соработниците.

- Нашата мисија е да го одржуваме и да го поттикнуваме македонскиот идентитет во Република Албанија, што преку културниот израз целосно се остварува. Им се заблагодаруваме и на сите соработници, кои несебично помогнаа во конципирање на тематската и на визуелната содржина на весникот. И понатаму остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Република Албанија и на Република Македонија, како и од Македонците ширум светот, рече Ѓурѓај.

Според него, до денес испечатени се 57 изданија и со написите се дал голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија, и најавува дека континуирано ќе работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија.

Од мај 2017 година весникот е и со електронско издание www.vesnik-ilinden.coм. На тој начин весникот стана достапен за целокупната јавност за сите Македонци во Република Албанија, регионот и цел свет.

Во септември истата година, е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: grid.mk и daily.mk

Од август 2022 година македонски весник „Илинден“ е член на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Република Албанија. вт/цр

фото:извор весник „Илинден“

Остани поврзан