• понеделник, 23 декември 2024

Даночни службеници на грчкиот остров Крф изнудувале пари од граѓани и бизнисмени

Даночни службеници на грчкиот остров Крф изнудувале пари од граѓани и бизнисмени

Атина, 11 октомври 2024 (МИА) – Пет лица, четворица даночни службеници и еден сметководител се уапсени на грчкиот остров Крф за изнудување пари од граѓани и бизнисмени, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, во тек е акција на полицијата и Независната управа за јавни приходи за разбивање на корупцискиот скандал на Крф по неколкумесечна истрага.

Уапсените се осомничени дека уценувале бизнисмени и изнудувале пари од нив за да не вршат контроли во нивните бизниси или барале пари од даночните обврзници за да се забрза процесот за поврат на данокот што го имале.

Директорот на Независната управа за јавни приходи на Грција Јоргос Пицилис истакна дека немаат никаква „толеранција за каква било појава на корупција“ и порача дека „никој не е над заклетвата што ја дал да му служи на законот и јавниот интерес“.

Министерот за национална економија и финансии на Грција Костис Хаѕидакис рече дека даночните обврзници бараат државата да биде фер и ефикасна и не трпат појави на корупција.

-Секојдневно даваме се од себе за да го исполниме ова нивно разумно барање. Не правиме компромиси со корупција!, порача Хаѕидакис во писмената изјава.

Овој случај доаѓа само неколку месеци откако беше разоткриен слични корупциски скандал во даночната канцеларија на Халкида на островот Евија. ср/

Остани поврзан