• сабота, 16 ноември 2024

Грчки дипломатски извори изразиле сериозни сомнежи за интегритетот на изборниот процес во албанскиот град Химара

Грчки дипломатски извори изразиле сериозни сомнежи за интегритетот на изборниот процес во албанскиот град Химара

Атина, 6 август 2024 (МИА) – „Сериозни сомнежи за интегритетот на процесот“ на повторните избори во албанскиот град Химара, според грчки дипломатски извори, покренуваат пријавите од припадниците на грчкото национално малцинство во Албанија, пишува државната новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

- Пријавите поднесени од членовите на грчкото национално малцинство во Албанија во однос на условите под кои се одржаа повторените локални избори во општина Химара, особено во однос на демографската промена на избирачкото тело и негирањето на уставното право на глас на илјадници граѓани на Химара со изговор дека е истечена важноста на нивните лични карти, предизвикуваат сериозни сомневања за интегритетот на процесот, истакнале за АНА-МПА дипломатските извори.

Дополнително посочиле дека потребно е албанските власти да ги оценат поплаките и да дадат одговори за изборниот процес одржан во неделата.

Како што вчера објави МИА, кандидатот на владејачката Социјалистичка партија, Вангел Таво, припадник е на грчкото малцинство, е новиот градоначалник на Химара со освоени 58,62 отсто од гласовите.

На ланските локални избори одржани на 14 мај за градоначалник беше реизбран Фреди Белери, кој два дена пред тоа беше уапсен и притворен поради изборна корупција, по што беше и осуден на две години затвор и не можеше да даде заклетва, а во пресрет на европските избори во Грција беше кандидат на владејачката Нова демократија за европратеник и обезбеди место во ЕП. ср/

Остани поврзан