• сабота, 23 ноември 2024

Грчкиот Парламент не го изгласа предлогот на опозицијата за недоверба на Владата

Грчкиот Парламент не го изгласа предлогот на опозицијата за недоверба на Владата

Атина, 29 март 2024 (МИА) – Предлогот за недоверба на грчката Влада доставен од четири опозициски партии, како што и се очекуваше, не го доби потребното парламентарно мнозинство, не беше изгласан од Парламентот и не создаде проблеми за владиното мнозинство, јави дописничката на МИА од Атина. 

Од 300 пратеници во Парламентот, за да помине предлогот, потребно беше да биде изгласан со најмалку 151 глас, а на синоќешното гласање, поддршка доби од 141 пратеник кои гласаа „за“, додека пак останатите 159 беа против, од кои еден независен пратеник и целата пратеничката група на владејачката Нова демократија. 

Пратеничките групи на ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и на Курс на слобода во вторникот доставија заеднички предлог за гласање недоверба на Владата, по иницијативата на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, поради новите информации за железничката несреќа во февруари минатата година кај Темпи, објавени од весникот „То вима“. 

Како што соопшти претседателот на Парламентот Константинос Тасулас тридневната расправа траеше над 40 часа, а се обратија 163 говорници, меѓу кои пратеници, министри од Владата и сите лидери на партиите. 

Текстот во весникот „То вима“ објавен во неделата за монтираните аудиозаписи за железничката несреќа кај Темпи на 28 февруари 2023 година во која загинаа 57 лица, кај опозициските партии во Грција предизвика низа реакции, кои кулминираа со доставување на предлогот за гласање недоверба на актуелната Влада. 

Синоќа, додека сè уште беше во тек расправата во Парламентот државниот министер Ставрос Папаставру и заменик-министерот без ресор Јанис Братакос си поднесоа оставки, кои беа прифатени од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Владини извори за грчките медиуми коментирале дека „присуството на социјален собир испратило погрешна порака“.

Оставките на Папаставру и Братакос дојдоа откако дел од грчките медиуми објавија дека двајцата министри се сретнале со бизнисменот Вангелис Маринакис, кој меѓу другото е сопственик и на групацијата чиј дел е весникот „То вима“ што во неделата го објави текстот за монтираните аудиозаписи по железничката несреќа. ср/ми/

Остани поврзан