• среда, 25 декември 2024

Грчкиот Парламент вечерва ќе гласа за предлогот на опозицијата за гласање недоверба на Владата на Мицотакис

Грчкиот Парламент вечерва ќе гласа за предлогот на опозицијата за гласање недоверба на Владата на Мицотакис

Атина, 28 март 2024 (МИА) – Пратениците во грчкиот Парламент вечерва ќе гласаат за предлогот за недоверба на Владата на Нова демократија, доставен од четири опозициски партии, предлог што се очекува да не биде изгласан и да не создаде проблеми за владиното мнозинство, јави дописничката на МИА од Атина. 

Пратеничките групи на ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и на Курс на слобода во вторникот доставија заеднички предлог за гласање недоверба на Владата, по иницијативата на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, поради новите информации за железничката несреќа во февруари минатата година кај Темпи, објавени од весникот „То вима“. 

Тридневната расправа на пленарна седница ќе заврши вечерва најдоцна до полноќ со гласање на пратениците, а на гласањето ќе му претходат говори на лидерите на политичките партии, како и на грчкиот премиер. 

Речиси невозможно е предлогот на опозициските партии да биде изгласан, со оглед на тоа што за Владата да ја загуби довербата потребно е да гласаат најмалку 151 од вкупно 300 пратеници во Парламентот, додека пак владејачката Нова демократија има мнозинство од 158 пратенички места. 

Текстот во весникот „То вима“ објавен во неделата за монтираните аудиозаписи за железничката несреќа кај Темпи на 28 февруари 2023 година во која загинаа 57 лица, кај опозициските партии во Грција предизвика низа реакции, кои кулминираа со доставување на предлогот за гласање недоверба на актуелната Влада. 

Иницијативата беше на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, кој на почетокот на неговото обраќање во Парламентот истакна дека Владата на Нова демократија, систематски го поткопува владеењето на правото во земјата.

Предлогот за гласање недоверба е потпишан од 85 пратеници (од вкупно 300 во Парламентот) и е поддржан од ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и Курс на слобода, а во него потписниците детално се осврнуваат на сето она што следеше по железничката несреќа и како Владата управуваше со целиот случај, упатувајќи ѝ критики и обвинувања, меѓу другото и дека „континуирано го деградира владеењето на правото, ја поткопува самата демократија и ја разнишува довербата на граѓаните кон политиката, институциите и правдата“. ср/

Остани поврзан