• недела, 29 декември 2024

Грчкиот конзул од Мариупол се врати во Атина

Грчкиот конзул од Мариупол се врати во Атина
Атина, 21 март 2022 (МИА) – Мариупол ќе биде дел од низата градови целосно уништени од војна, рече Манолис Андрулакис, генералниот конзул на Грција во Мариупол, кој синоќа пристигна во Атина откако беше евакуиран од украинскиот град, јави дописничката на МИА од Атина. Конзулот пред да биде евакуиран, беше засолнат во објектот на ОБСЕ во Мариупол, а по враќањето во Грција истакна дека „во рок од 24 часа се загубија сите инфраструктури, сè беше бомбардирано, немаше струја, вода, комуникации“. Истакна дека е „трагедија тоа што се случува за рускиот и за украинскиот народ“, додавајќи дека „слепо и неконтролирано на мета се цивили“ и ја потенцираше потребата да има прекин на огнот за да се евакуираат граѓаните. Евакуацијата од Мариупол почна во вторникот, а во петокот вечерта конзулот веќе ја напушти украинската територија, додека пак вчера преку Букурешт слета во Атина, каде што беше пречекан, како од неговото семејство, така и од заменик шефот на грчката дипломатија и генералниот секретар во Министерството за надворешни работи на Грција. Според грчките медиуми, Андрулакис беше последниот дипломат од ЕУ што го напушти Мариупол. ср/гт/ Фото: АНА-МПА

Остани поврзан