• вторник, 24 декември 2024

Грција и Србија ја зајакнуваат соработката во борбата со нелегалната миграција

Грција и Србија ја зајакнуваат соработката во борбата со нелегалната миграција
Атина, 9 октомври 2022 (МИА) – Заштитата на границите од нелегалната миграција, мигрантското прашање, но и договорот меѓу двете земји за заеднички полициски патроли на туристичките места, биле темите во фокусот на средбата во Александруполи на министерот за заштита на граѓаните на Грција Такис Теодорикакос и министерот за внатрешни работи на Србија Александар Вулин, јави дописничката на МИА од Атина. Двајцата министри ја посетија граничната линија меѓу Грција и Турција кај реката Еврос, Вулин истакна дека Грција и Србија бранејќи ги своите границе, ја штитат и Европа, додека пак Теодорикакос порача дека од Алесандруполи испраќаат заедничка и силна порака дека проблемот со нелегалната миграција и инструментализацијата на миграните од страна на Турција, е провокација не само за Грција, туку за цела Европа. -А секако, особено за нашето соседство на Балканот, но и на целиот Југоисточен Медитеран. Грција и Србија сме категорично против оваа инструментализација. Затоа денеска ги здружуваме силите и ја интензивираме соработката меѓу двете земји. Со зајакнување на нашата полициска соработка, со цел заедничко справување со криминалците криумчари со нелегални мигранти, рече Теодорикакос, соопштувајќи дека во 2022 година уапсиле над 1.100 криумчари. Српскиот министер ја изрази солидарноста за Грција и истакна дека исто како и Грција, така и Србија ги чува своите граници -Секој мигрант запрен на Еврос, секој мигрант запрен на српската граница е еден мигрант помалку во Виена или Берлин. Не е првпат Србија и Грција да ја штитат Европа од инвазија. Но, би било првпат Европа да го разбере и препознае тоа и да ни помогне, изјави министерот за внатрешни работи на Грција. Двајцата министри во присуство на грчки и српски високи полициски службеници потпишале договор за заеднички патроли во туристичките дестинации на двете земји. Теодорикакос рече дека особено ги интересира „чувството на безбедност на грчките граѓани кога се во Србија и на српските граѓани кога ја посетуваат Грција“. -Заедничките патроли ќе бидат во туристичките дестинации и на Грција и на Србија, со цел да се консолидира и да се зајакне токму ова чувство на безбедност кај граѓаните на двете земји, кога ќе ја посетуваат едната и другата земја, објасни грчкиот министер. Паралелно, ја изрази и поддршката на Грција како за ЕУ перспективата на Србија, така и на земјите од Западен Балкан. ср/зш/

Остани поврзан