• понеделник, 23 септември 2024

Грција и Кипар потпишаа Рамка за разбирање за електричното поврзување меѓу двете земји

Грција и Кипар потпишаа Рамка за разбирање за електричното поврзување меѓу двете земји

Атина, 21 септември 2024 (МИА) – Рамка на разбирање меѓу двете земји за унапредување на електричното поврзување Кипар-Крит, потпишаа синоќа министерот за животна средина и енергетика на Грција Теодорос Скилакакис и министерот за енергетика, трговија и индустрија на Република Кипар Јоргос Папанастасиу, соопштија од грчкото и кипарското надлежно министерство, јави дописничката на МИА од Атина.

Од двете Министерства во заедничкото соопштение објаснија дека врз основа на потпишаното и по соодветните одлуки на регулаторните органи на двете земји се очекува проектот да започне во следните денови.

Паралелно посочија дека во Рамката за разбирање е наведено дека електричната интерконекција Кипар-Крит ќе придонесе во отстранувањето на енергетската изолација на Кипар, поврзувајќи го кипарскиот национален систем за пренос на електрична енергија со соодветните европски системи.

-Станува збор за проект од стратешко значење за Кипар, Грција, но и за целата Европска Унија, бидејќи овој проект не само што ќе го поврзе Кипар со електричниот систем на Европа, олеснувајќи ја енергетската транзиција, туку во исто време ќе ја промовира и целта на Грција да стане коридор за транспорт на чиста енергија, пишува во заедничкото соопштение на Министерството за животна средина и енергетика на Грција и Министерството за енергетика, трговија и индустрија на Република Кипар.

Дополнително е посочено дека потпишувањето на Рамката за разбирање е во продолжение на одлуките донесени на средбата во четвртокот во Атина на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и кипарскиот претседател Никос Христодулидис.

Со потпишувањето на Рамката се одблокира целиот процес за проектот „Great Sea interconnector“, а во изминатиот период беа интензивирани дискусиите и консултациите меѓу двете земји

Проектот „Great Sea interconnector“ во висина од околу два милијарди евра предвидува поврзување на Кипар со Европа преку Грција, а електричниот кабел во иднина да се прошири до Израел со што ќе биде најдолгиот подморски кабел во светот во вкупна должина 1.208 километри. ср/

Остани поврзан