• вторник, 24 декември 2024

Грција во 2020 година: Тензично со Турција, мигрантите го запалија кампот Мориа, а Златна зора заврши во затвор

Грција во 2020 година: Тензично со Турција, мигрантите го запалија кампот Мориа, а Златна зора заврши во затвор
Атина, 4 јануари 2021 (МИА) - Пандемијата, тензиите во односите со Турција, мигрантското прашање, прва жена претседател на државата, туризмот во „новата нормалност“, осудените членови на Златна зора за формирање криминална организација, беа главните теми што ја одбележаа 2020 година во Грција. Грција преку два карантини стигна до вакцината и веќе десет месеци е во „војна со невидливиот непријател“,  паралелно во одредени периоди од минатата година требаше да управува и со тензиите во односите со Турција, но и со ситуацијата со мигрантите на островите, особено по целосно изгорениот камп Мориа,  како и да изнајде начин да ја спаси туристичката сезона, без притоа да го стави во опасност здравјето на туристите, но и локалното население, јави дописничката на МИА од Атина. Тензиите во грчко- турските односи што траеја речиси цела година и заедно со пандемијата беа  главните прашања како за грчката Влада, така и за грчката јавност започнаа на границата кај Еврос, продолжија во Егејското Море, со последователните навигациски информации (Навтекс) што ги издаваше Анкара за сеизмички истражувања на бродот „Оруч Рејс“. Во моментите кога вниманието на грчката Влада беше насочено кон појавувањето на Ковид-19 во земјата и регистрираните први случаи, на границата со Турција кај Еврос, кон крајот на февруари беше забележана невообичаена раздвиженост на бегалци и мигранти од турска страна што резултираше грчката Влада на 28 февруари да го затвори граничниот премин со соседната земја. Најавата на Турција дека ќе ги отвори границите за мигрантите предизвика проблеми во Грција, како на копнениот граничен премин кај Еврос, каде што се собраа илјадници бегалци и мигранти, така и на островите во близина на турското крајбрежје, каде што и покрај студеното време пристигнуваа пластични и гумени чамци. Тензиите на границата траеја еден месец, до крајот на март, а беа проследени со низа инциденти, информации за загинати мигранти, кои грчката Влада ги демантираше и коментираше дека намерно се шират лажни вести. По информациите на 28 февруари дека околу 1.000 бегалци и мигранти од Турција, се собрани на границата и преку Еврос се обидуваат да влезат во Грција, се огласи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. -Сакам да бидам јасен: никакви нелегални влегувања во Грција нема да бидат толерирани, ја зголемуваме нашата гранична безбедност, напиша Мицотакис на „Твитер“. Следеа низа вонредни состаноци, свикување на владиниот совет за национална безбедност, зајакнувања на безбедносните мерки на граничниот премин и секојдневни инциденти, но и информации дека бројот на мигранти кои пристигнуваат на Еврос од ден на ден се зголемува. Не изостануваа ни нелегалните обиди за влез во Грција, при што грчката полиција ги апсеше сите оние кои нелегално поминуваа на грчка територија. Ставот на официјална Атина, беше дека Турција ги искористува мигрантите и бегалците и намерно и организирано ги пренесува до границата. Како што тогаш брифираше грчката Влада, секојдневно се спречуваа од пет до десет илјади мигранти нелегално да влезат на грчка територија, а сите странски мобилни телефони кои што се приближува до грчко – турската граница или се веќе беа таму, добиваа смс порака да не се обидуваат нелегално да ја поминат грчката граница, бидејќи максимално е зголемена граничната безбедност. На почетокот на март, медиумите во Турција и Грција излегуваа со целосно различни бројки за бројот на мигрантите, а грчкото МНР во еден наврат коментираше дека „продолжува кампањата за дезинформации од турските власти“. Претседателот на Европскиот совет Шар Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, како и потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас, премиерот на Хрватска Андреј Пленкович и хрватскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, придружувани од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, само неколку дена по почетокот на кризата со хеликоптер надлетаа над копнената граница со Турција за да ја видат ситуацијата, а на заедничката прес конференцијата, челниците на европските институции испратија порака дека грчките граници се и надворешни граници на Европската унија. Од ЕУ беше најавена финансиска помош од 700 милиони евра, оперативна поддршка од Фронтекс со дополнителни гранични полицајци, бродови, авион и хеликоптери се со цел Грција да се справи со мигрантското прашање, најави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од Еврос. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис коментираше дека конкретниот проблем „не е повеќе бегалски и мигрантски, туку претставува асиметрична закана на источната граница на Грција, што е и граница на Европа“, додавајќи дека Европа има обврска да ѝ помогне на Грција. По еден месец од почетокот и по речиси секојдневни инциденти и немири, бегалците и мигрантите, кои  беа насобрани на турска страна и насилно и нелегално се обидуваа да влезат на грчка територија, а доста често, во Грција, медиумите и официјалните лица тврдеа дека се помогнати од турските власти, на крајот од март го растурија импровизираниот камп и си заминаа од Еврос. „Оруч Рејс“ предизвика нови тензии во грчко- турските односи Неколку месеци по случувањата кај Еврос, и иако се чинеше дека се стабилизираа односите меѓу Грција и Турција, повторно се најдоа пред нова тензија, откако Турција издаде навигациска информација (Навтекс) за сеизмички истражувања на „Оруч Рејс“ во морскиот дел што официјална Атина смета дека е во нејзиниот континентален гребен. Конкретната Навтекс континуирано се продолжуваше во текот на летото што дополнително ги зголеми тензиите, Грција сметаше дека е нелегална, а грчкото МНР реагираше со соопштенија и неколку протесни ноти до Анкара. -Турција верно продолжува да ја исполнува улогата на бељаџија и фактор на нестабилност во регионот. Продолжува да ги игнорира повиците за дијалог и да ги ескалира нејзините провокации, пишуваше во едно од соопштенијата од грчкото МНР, за како што рекоа, „новата нелегална турска навтекс“. Ставот на официјална Атина беше дека Турција го крши суверенитетот и суверените права, а разговорите за решавање на единствената разлика меѓу двете земји, односно одредување на Ексклузивната економска зона, не можат да започнат доколку бродот е во грчкиот континентален грабен. За активностите на „Оруч Рејс“  имаше целосно поклопување на позицијата и на Владата и на опозициските партии во Грција. Грчкиот премиер преку интервју за Си-ен-ен, испрати, како што рече едноставна порака до Турција: „Запрете со провокациите и дојдете да разговараме како цивилизирани соседи“. За деескалација на тензиите во Источниот Медитеран германската канцеларка Ангела Меркел, но и американскиот претседартел Доналд Трамп телефонски разговараа како со Мицотакис, така и со Ердоган, а по барање на Атина во август се одржа и вонреден состанок на Советот за надворешни прашања на Европската унија. Медиумите во Грција коментираа дека издавањата на навигациските информации за бродот е реакција и одговор на Турција, за договорот меѓу Атина и Каиро потпишан на почетокот на август за одредување на Ексклузивната економска зона. Кон средината на септември, турскиот брод „Оруч Рејс“ се врати во Анталија, за што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис коментираше дека е „позитивен прв чекор“, а десетина дена подоцна од грчкото МНР соопштија дека „Грција и Турција се договорија наскоро да го одржат во Истанбул, 61-от круг од прелиминарните контакти“, по пауза од четири и пол години. Прелиминарните разговори не се одржаа,  а по пауза од еден месец, „Оруч Рејс“ повторно се врати во Источниот Медитеран, во делот што Грција го смета за нејзин континентален гребен. Повторно следеа нови Навтекс од турска страна и нови демарши од грчка страна. По Самитот на ЕУ во декември за санкциите за Турција, грчкиот премиер рече дека „Европа направи чекор што претставува предупредување, најсилно предупредување до сега за Турција да го смени однесувањето“ и истакна дека „санкциите како санкции не се цел самите по себе, но додаде дека „заканата од санкции, во случај Турција да продолжи со провокативното однесување, е најдобрата алатка за притисок врз Турција, за да го промени нејзиното однесување“. И покрај тензиите,грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на крајот на јуни телефонски разговараа, но околу последиците од пандемијата , како и за прашањата поврзани со отворањето на границите и обновување на туристичките бранови и се согласија дека е потребно да се задржат отворени билатералните канали на комуникација. Грција реагираше за одлуката на Турција, Света Софија да ја претвори во џамија Одлуката на Турција да ја претвори Света Софија во џамија како и одржаната молитва две седмици подоцна, предизвика остри реакции, критики и осуда од Грција. Реагираа како грчкиот државен врв, така и опозициските партии, Атина категорично ја осуди одлуката на Анкара, за која Мицотакис, рече дека влијае на односите на Турција не само со Грција, туку и со ЕУ, со  УНЕСКО и со светската заедница во целост. -Сето она што денеска се случува во Истанбул, не е покажување моќ, туку доказ на слабост. Јасно дека тоа што се случува нема моќ да го засени сјајот на еден споменик од светското наследство. Но се оцрнети универзалните вредности. Затоа потребна е и универзална осуда, порача грчкиот премиер, по одржаната прва молитва во Света Софија. Целосно изгоре бегалскиот камп Мориа Мигрантското прашање е уште една димензија во односите на Грција со Турција, а неретко Атина ја обвинуваше Анкара дека е виновна за зголемениот бран бегалци и мигранти и непочитување на заедничката изјава ЕУ-Турција. На почетокот на годината, поради важноста на мигрантското прашање, беше одново формирано посебно Министерство за миграција и азил, кое постоеше во периодот кога на власт беше СИРИЗА, но беше укинато по изборите во 2019 година и промената на власта во Грција. Ситуацијата во прифатните центри и бегалските кампови во Грција доста често беше тензична со низа инциденти на островите, протести, инциденти меѓу мигрантите, повредени и убиени, протести на локалното население и судири со полицијата поради изградбата на затворени центри, а кулминираше со палењето на Мориа најголемиот бегалски камп во Грција. Во текот на ноќта меѓу 8 и 9 септември изби пожар во Мориа и изгоре голем дел од центарот за прием и регистрација на бегалци и мигранти и околните шатори во кој беа сместени 12.580 лица.  Следеше и втор пожар во различни делови со што целосно беше уништен кампот. Пожарот веројатно беше подметнат по реакциите од лица заразени со коронаврусот или од нивните контакти, кои одбиле да бидат изолирани, по што следеа и инциденти. Неколку дена подоцна беа уапсени пет лица. Веднаш по пожарот започна поставувањето на шатори во новиот камп Кара Тепе каде што се сместени сите оние кои останаа без кров над глава и неколку дена спиеја на улиците на грчкиот остров, додека пак 408 децата бегалци без придружба од Лезбос со три различни летови беа пренесени во Солун. Во текот на минатата година, Грција започна со реализација на европската програма за релокација на мигранти во некоја земја од Европа, а се однесуваше на децата бегалци без придружба, на децата со сериозни здравствени проблеми, како и баратели на азил со потврден статус. Паралелно, отвори уште една програма финансиски поддржана од Европската унија, за доброволно враќање на 5.000 мигрантите во нивната земја на потекло и да добијат парична помош од 2.000 евра. Во периодот од јануари до ноември минатата година за 83 проценти се намалиле бегалските и мигрантските бранови кон грчките острови, а на ниво на цела Грција, односно и на островите и кај Еврос, намалувањето е за 79 отсто, споредбено со истиот период во 2019 година, согласно официјалните податоци од Министерството за миграција и азил на Грција За време на пандемијата, односно во периодот март- ноември, поради зголемените мерки на границите, брановите се намалиле за 92 отсто, односно во 2019 година пристигнале 54.306 баратели на азил, наспроти 4.344 лани. Лидерот и поранешните пратеници од Златна зора добија затворски казни за формирање криминална организација Минатата година, ја одбележа и завршетокот на најдолгиот и најобемниот судски процес во Грција, а историската пресуда, многумина коментираат во земјата, дека беше една од ретките светли точки во 2020 година. Неонацистичката политичката партија Златна зора која седум години, односно во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент, сега веќе и со одлука на судот е криминална организација, за чие формирање и управување осудени на затворска казна се лидерот и 17 поранешни пратеници. Првиот човек на Златна зора и четворица од поранешните пратеници добија 13 години затворска казна, додека пак убиецот на музичарот Павлос Фисас, доби доживотна казна затвор. Судскиот процес започна во април 2015 година, а по пет и пол години и 465 одржани рочишта, неонацистите беа испратени во затвор. На 7 октомври 2020 година беше соопштена одлуката на судот дека Златна зора е криминална организација, одлука што беше проследена со аплауз како во така и вон судот. Пред атинскиот суд, под драконски безбедносни мерки беше организиран масовен антифашистички протест под слоганот „Не се невини" со учество на речиси 20.000 лица, присутни беа и претставници на политички партии, Кусо по соопштувањето на одлуката дека всушност не станува збор за политичка партија, тука за криминална организација, грчката претседателка, премиерот, министри од Владата, лидери на опозициските партии, сите протагонисти од политичката сцена во Грција ја поздравија едногласната одлука на судот и коментираа дека е голем ден за демократијата. Осудените пратеници, со исклучок на Христос Папас и Јанис Лагос, од крајот на октомври се веќе во затвор. Грција ја доби првата жена претседател Завршувањето на мандатот на Прокопис Павлопулос на позицијата шеф на државата и шпекулациите кој ќе биде неговиот наследник, но и дали Владата ќе го предложи за нов, втор мандат, беше темата што го одбележа почетокот на 2020 година. На средината на јануари, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис им стави крај на шпекулациите и во обраќањето до јавноста, на големо изненадување ја предложи претседателката на Советот на државата Катерина Сакеларопулу за шеф на државата. -Сметам дека е време нашата татковина да добие достојна Гркинка на највисоката државна позиција, рече Мицотакис во обраќањето, со што се отвори патот, Грција, првпат во историјата, да добие жена претседател. Една седмица подоцна, грчкиот Парламент, со широко мнозинство, со поддршка од три партии, со 261 глас, 61 повеќе од потребните 200, ја избра Сакеларопулу за прва жена претседател на Грција. Позитивно гласаа пратениците од Нова демократија, СИРИЗА и Движење на промена, а соопштувањето на резултатите од претседателот на Парламентот беше проследено со аплауз од присутните пратеници. -Целосно сум свесна за товарот и одговорноста што ги преземам, рече Сакеларопулу на средбата со претседателот на Парламентот, Константинос Тасулас, кој ѝ ги соопшти резултатите од гласањето на пратениците и изборот таа да биде нова шефица на државата. Во полупразна сала во грчкиот Парламент, со намален број пратениците, превентивно, поради коронавирусот, под засилени мерки на хигиенска заштита, Сакеларопулу на 13 март положи свечена заклетва и официјално стана прва жена претседател на Грција. -Изборот на жена, по прв пат, на највисоката позиција во земјата, се надевам дека ќе биде повод за подобрување на позицијата на сите жени, како во семејството, така и во општеството. Време е жените од земјата да сфатат дека можат да стигнат до онаму каде што сонуваат со нивната вредност, без да се соочат со пречки само затоа што се родени жени, Сакеларопулу по официјалното преземање на функцијата. Таа е осмиот претседател на Грција и има петгодишен мандат. Сања Ристовска

Остани поврзан