• сабота, 23 ноември 2024

Груби: Немам амбиција да бидам првиот премиер Албанец

Груби: Немам амбиција да бидам првиот премиер Албанец

Скопје, 15 март 2023 (МИА) - Немам амбиција да бидам првиот премиер Албанец на Северна Македонија, туку сакам да останам запаметен како по реализацијата на проектите од  коридорите 8 и 10-д, односно за изградбата на автопатот Скопје-Блаце и по воспоставувањето на врската Приштина-Скопје-Тирана, изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

Во гостување на косовската телевизија „Дукаѓини“, Груби истакна дека кандидатот за премиер Албанец ќе го предложи лидерот на ДУИ, Али Ахмети и како што нагласи, сигурен е дека „нема да погреши во изборот“.

- Ова е проект на Али Ахмети за да ги урне табуата. Дојде време да се надминат предрасудите со изборот на албански премиер, рече Груби.

Тој вели дека со коалицискиот договор од 2020 година меѓу СДСМ и ДУИ, потпишан од тогашниот премиер Зоран Заев и Ахмети, се превидува во последните 100 дена од Владата премиер да биде личност од албанска националност.

- Во коалицискиот договор што го имаме постигнато со Зоран Заев стои во последните 100 дена тој да ја напушти Владата и да биде заменет со албански премиер, рече Груби, тврдејќи дека и актуелниот премиер  Димитар Ковачевски „ветил дека договорот ќе важи“.

Изјавите на Груби следи откако министерот за надворешни работи Бујар Османи на собир на ДУИ во Чаир изјави дека „за неколку месеци Албанец ќе биде премиер“ на земјава. Ваквата изјава беше протолкувана како можност за предвремени избори, имајќи предвид дека редовниот термин за парламентарни избори е идната година. 

Но, според извори во СДСМ и ДУИ меѓу владините партнери не станало збор за одржување предвремени парламентарни избори.

Изворите во СДСМ оценуваат дека изјавата на Османи е во контекст на случувањата во ДУИ и порака за т.н. „огнена група“. сп/ац/

 

Остани поврзан