• вторник, 24 декември 2024

Грковска: Целиме кон уште повисоко ниво на транспарентност и одржлива свест за важноста на Стратегијата за транспарентност 2023-2026

Грковска: Целиме кон уште повисоко ниво на транспарентност и одржлива свест за важноста на Стратегијата за транспарентност 2023-2026

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се обрати на втората јавна расправа за нацрт Стратегијата за транспарентност 2023-2026, што денеска се одржува во Велес, организирана од Кабинетот за политики за добро владеење, во соработка со Фондацијата Метаморфозис.

- Ако корупцијата е болест, транспарентноста е централен дел во нејзиното лекување“. Со овој цитат на поранешниот генерален секретар на Обединетите нации Кофи Анан, вицепремиерката Грковска ја илустрираше огромната важноста на транспарентноста, како принцип на доброто владеење, во справувањето со разорните коруптивни појави во општеството, стои во соопштението од владината прес-служба.

Таа нагласила дека јакнењето на транспарентноста на сите нивоа во системот е еден од најважните предуслови за превенција на корупцијата и за подобрување на севкупната кондиција на институциите, кои со вградување и доследна примена на ова начело, стануваат поодговорни, поотчетни и поефикасни во извршувањето на својата функција како сервис на граѓаните.

Грковска се осврнала на фактот дека во последниве години транспарентноста на институциите е значително подобрена, а тоа се должи на определбата за воспоставување  механизми, носење соодветна легислатива и развивање и спроведување политики. Тоа, истакнала, резултираше со зајакнување на фискалната дисциплина преку отворање на трезорот, со што на јавноста ѝ се овозможи да има увид во трошоците, но и со отворање на институциите кон јавноста и овозможување полесен пристап до информации.

- Нашата земја е една од ретките кои подготвуваат стратешки документи од овој тип и понатамошните чекори се во насока да се одржи отвореноста, без да се ретерира од досега постигнатото, а институциите кои назадуваат треба да го достигнат нивото на оние кои имаат најголем напредок во поглед на транспарентноста. Според Ирена Бојаџиевска, експертка која работеше на оваа стратегија, практиките на добро владеење и отворена власт треба да станат стандард во секојдневното работење, се вели во соопштението.

Оваа стратегија се надоврзува на претходната Стратегија за транспарентност и е насочена е кон остварување на визијата – Република Северна Македонија да биде држава со изградена институционална култура на транспарентност, држава во која владеат стандарди на добро управување во институциите на извршната власт, а со тоа и зголемена доверба на граѓаните.

Стратегијата за транспарентност 2023-2026 и придружниот Акциски план, кои денеска се предмет на втора јавна расправа, со учество на претставници на државните институции, граѓанските организации и медиумите, предвидуваат стратешки пристап со кој значително ќе се зајакне свесноста, но и проактивното дејствување на ова поле Предлозите и сугестиите произлезени од денешниот настан дополнително ќе ја подобрат содржината на овој стратешки документ, а со тоа и реализацијата на зацртаните заложби. цр/лв/

Фото: Влада на РСМ

 

Остани поврзан