• сабота, 23 ноември 2024

Грковска: За двајца функционери се покренати постапки од надлежните институции

Грковска: За двајца функционери се покренати постапки од надлежните институции

Скопје, 12 јануари 2023 (МИА) – Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска вечерва изјави дека за двајца од тројцата функционери за кои нејзиниот Кабинет иницираше постапки поврзани со злоупотреба, веќе се покренати постапки од надлежните институции.

– За два веќе имаме фидбек дека има покренато и немам намера да кажувам имиња или да правам сензационализам од ова. Ние треба да ги прифаќаме ваквите работи како нормалност. Ако некој го прекршил законот за него треба да има постапка, рече Грковска во „Тема на денот“ на телевизија Сител.

За повлекувањето од функција на поранешната претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска поради интереси на „судско-бизнис елитата“, Грковска рече дека ако претседател на Судски совет излезе со таква изјава во јавност, очекува истата да пријави и да се покрене постапка.

Во однос на американската „црна листа“ на санкции, вицепремиерката рече дека не се оптоварува многу со тоа, затоа што е механизам што САД го практикуваат не само за нашата, туку и за останатите држави години наназад.

– Првиот момент кога списокот ќе биде спремен за објавување тоа САД ќе го направат, јас не се оптоварувам кој ќе биде на таа листа, ние треба да бидеме загрижени за нашите секојдневни проблеми и прашања и да се справуваме со нив, нагласи Грковска, посочувајќи дека при вчерашната посета на советникот на Стејт Департментот Дерек Шоле немала средба со тимот за санкции.

Таа додаде дека за справување со корупцијата се потребни храбри луѓе со интегритет кои не се плашат да пријават корупција и кои не се подлежни на какви било влијанија, затоа што се убедени во исправноста на нивните одлуки.

– Има ефект ако некој се одважи да пријави во обвинитлство, а тоа поведе постапка и да имаме судска завршница. Довербата на граѓаните особено во правосудниот систем е многу мала, полесно ќе и беше на оваа Влада доколку состојбите во правосудниот систем беа многу подобри, рече Грковска.мс/са/

 

Остани поврзан