Град Скопје со поддршка на Пунктот и прифатилиштето за бездомни лица
- Поддршка за активностите на Црвениот крст на град Скопје за обезбедување услуги на дневно, односно времено згрижување на бездомни лица на подрачјето на град Скопје во пунктот и прифатилиштето

Скопје, 25 јануари 2022 (МИА) - Поддршка за активностите на Црвениот крст на град Скопје за обезбедување услуги на дневно, односно времено згрижување на бездомни лица на подрачјето на град Скопје во пунктот и прифатилиштето за бездомни лица предвидува договорот за соработка помеѓу Градот Скопје и Црвен крст на град Скопје што денеска го потпишаа скопската градоначалничка Данела Арсовска и секретарот на Црвен крст на град Скопје, Сузана Тунева Пауновска.
Активностите се во рамки на проектот на Црвениот крст на град Скопје „Мислиме на бездомниците“.
-Активностите на Пунктот за бездомници на Црвен крст се поддржани од Град Скопје. Прифатилиштето за згрижување и привремено прифаќање на лицата бездомници овозможува засолниште, дневен престој со оброк, здравствена заштита, услови за одржување хигиена и други психосоцијални услуги. Бездомните лица во овој центар добиваат хигиенски услуги, чисти алишта, берберски услуги, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог и топол оброк, информираат од Град Скопје.
Нагласуваат дека бездомните лица може да го повикаат тимот од Пунктот на телефонскиот број 3139 578 во Дирекцијата на Црвениот крст на град Скопје.вј/лв/