• петок, 05 декември 2025

Гостување на Ато центар-Битола со „8% ?“ документарна вербатим претстава вечер во Гевгелија

Гостување на Ато центар-Битола со „8% ?“ документарна вербатим претстава вечер во Гевгелија

Гевгелија, 1 декември 2025 (МИА) - Документарната вербатим претстава „8% ?“, продукција на АТО Центар- Битола, ќе биде изведена вечер во Народниот театар- Гевгелија, за време на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, соопштија од Општината.

Како што се наведува, претставата е резултат на повеќемесечно истражување од 2023 година во кое креативниот тим интервјуирал лица од различни градови низ државата кои се соочиле со дискриминација, семејно насилство и системски неправди. Нивните лични сведоштва, испреплетени со чувствителни и често премолчени вистини, се преточени во сценско дело кое отвора важни прашања за општеството и за улогата на секој од нас во создавањето и одржувањето на системот. На сцената, покрај актерите, се појавуваат и вистинските личности чиј глас е основата на претставата, дозволувајќи ѝ на публиката да ги чуе нивните директни, честопати болни исповеди.

Претставата е авторско дело на Јован Ристовски, кој е и режисер, во соработка со Весна Куслеска како коавтор. Костимографијата е изработена од Марта Дојчиновска, а драматуршката разработка од Билјана Крајчевска. Актерската екипа ја сочинуваат: Марија Стефановска во улога на менаџерка, Наталија Ристевска како асистентка, Соња Михајлова како Црната / Режисер, Никола Пројчевски како канцелариски координатор и Петар Горко во улога на шеф. Во претставата учествуваат и Ивана Атанасоска, Весна Софронијевска и Биљана Тодоровска. За шминката се грижи Стефанија Илиевски, за светлото Никола Горгиевски, за сценската техника Горан Јованов, а координацијата е на Александра Десковска.

Продукцијата е на АТО Центар- Битола, а претставата е поддржана од GIZ Skopje.

Инаку, изведбата во Гевгелија се реализира во рамки на декемвриското финале на програмата „Гевгелија-град на култура за 2025 година“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелијa. рт/дма/

Фото: Општина Гевгелија

Остани поврзан