• вторник, 24 декември 2024

Гонзато: Главната пречка на Албанија на патот кон ЕУ е корупцијата, да го оставиме СПАК да си ја заврши работата 

Гонзато: Главната пречка на Албанија на патот кон ЕУ е корупцијата, да го оставиме СПАК да си ја заврши работата 

Тирана, 11 јули 2024 (МИА) - Амбасадорот на ЕУ во Тирана, Силвио Гонзато, од северниот албански град Скадар, порача дека борбата против корупцијата е приоритет за интеграцијата во ЕУ, оценувајќи дека Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, добро ја врши работата на овој план. 

- Проблемот што сите го знаеме, а што е главната пречка на Албанија на патот кон ЕУ, е корупцијата. Мислам дека е добар сигнал, верувам и се надевам дека СПАК ќе си ја заврши работата. Но, не сакаме да го гледаме казнениот аспект, туку и структурата, амбиентот што го создава оваа можност за справување со корупцијата. Не зборуваме за истраги кои се во тек, но можам да кажам дека тоа што се случува, е она што го чекавме. Мора да му дозволиме на СПАК да си ја заврши работата, изјави евроамбасадорот, јави Топ Чанел.

Тој оцени дека реформите во правосудството од 2016 година функционираат, додавајќи дека „можеби таа реформа гарантира дека судскиот систем е независен од политичко влијание“.

Во однос на изборната реформа, упатувајќи повик до партиите да биде сеопфатна, со спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, Гонзато изрази надеж дека партиите ќе најдат начин да ги исполнат очекувањата на албанските граѓани, а на „следните избори треба да се избегне изборен резултат, кој може да се оспорува“.

Гонзато, беше во посета на Скадар, на заокружувањето на тригодишниот проект „ЕУ за општините“, каде 19 општини беа корисници на проекти финансиски поддржани од Европската унија. вт/паг/

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан