• вторник, 16 декември 2025

Голема акција за пошумување на територијата на општина Кисела Вода

Голема акција за пошумување  на територијата на општина Кисела Вода

Скопје, 16 декември 2025 (МИА) - Голема акција за пошумување се реализира на територијата на општина Кисела Вода, во која учествуваат градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, генералниот извршен директор на ТИТАН Усје, Костас Николау, како и вработени од општинската администрација, во компанијата и бројни граѓани. Активностите се одвиваат во паркот „Иднина“, во 13 урбани и месни заедници, како и во сите основни училишта на територијата на општината.

Како што информирааат од општината во рамки на акцијата ќе бидат засадени околу 500 садници од зимзелени и други видови дрвја.

Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска истакнала дека пошумувањето е важен сегмент од долгорочната политика на Општина Кисела Вода, која се реализира плански и рамномерно на целата територија, со активно вклучување на училиштата и локалната заедница, а воедно упати и благодарност до компанијата што ја поддржа акцијата со донација на садниците.

-Пошумувањето не е само симболичен чин, туку јасна и долгорочна определба на Општина Кисела Вода. Со секое засадено дрвце вложуваме во поквалитетен јавен простор и подобри услови за живот за сегашните и идните генерации. Нашата стратегија е системска и опфаќа пошумување во сите населени места, како и активно вклучување на училиштата и граѓаните. Сакам да се заблагодарам на Цементарница ТИТАН Усје и на генералниот извршен директор Костас Николау за покажаната општествена одговорност. Соработката со компаниите е важен дел од пристапот со кој ја развиваме општината, а компаниите преку вакви активности покажуваат дека ја препознаваат својата улога во општеството, изјавила градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.свс/са/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан