• среда, 05 февруари 2025

Годишната конференција на евроамбасадорите: „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“ 

Годишната конференција на евроамбасадорите: „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“ 

Брисел, 3 февруари 2025 (МИА) – Над 145 шефови на делегациите и канцелариите и на воените и цивилните мисии на ЕУ ширум светот, специјалните претставници и пратеници на блокот и раководителите на претставништвата на Европската комисија во сите 27 земји членки, ќе се соберат на Годишната конференција на амбасадорите на Европската Унија, што од денеска до петок ќе се одржи во Брисел. 

Конференцијата, чиј домаќин првпат ќе биде новата висока претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, оваа година е насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“. 

Дискусиите на собирот ќе бидат фокусирана на унапредување на надворешно-политичките приоритети на ЕУ во услови на значајните геополитички промени во светот предизвикани од руската агресија врз Украина, конфликтот на Блискиот Исток и падот на режимот Башар Асад во Сирија. 

Евроамбасадорите ќе имаат можност да дебатираат со лидерите на европските институциите и другите учесници на собирот за одговорот на Европската Унија на случувањата и предизвиците надвор од нејзините границите и да ги пренесат своите сознанија и согледувања од теренот. Конференцијата ќе ја отвори Калас со обраќање пред евроамбасадорите посветено на стратешките приоритети и задачи на ЕУ за следните месеци и години. Во текот на утрешното продолжение на Конференцијата пред учесниците ќе се обратат и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола. 

Во следните денови во рамки на Конференцијата ќе се одржат повеќе сесии посветени на надворешната политика, безбедноста, одбраната и проширувањето на Унија, на хибридните закани и манипулациите со информации, на одговорот на кризи на ЕУ, на дигиталната транзиција, јавната дипломатија, како и на можностите на блокот за поблиска соработка со своите сојузници. 

Во рамките на овие сесии евроамбасадорите ќе бидат во можност за размена на мислења со извршните потпретседателки на Еврокомисијата за чиста, праведна и конкурентна транзиција Тереза Рибера Родригез и за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен, како и со еврокомесарите за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност Марош Шефчович, за Медитеранот Дубравка Шуица, за меѓународни партнерства Јозеф Сикела, за еднаквост, подготвеност и управување со кризи Хаџа Лабиб, за проширување Марта Кос, за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт, за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер и за одбрана и Вселената Андриус Кубилиус. 

На дел од сесиите од амбасадорската Конференција ќе присуствуваат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, заменик-генералниот секретар на ОН, Амина Мохамед и претседателката на Европската инвестициска банка, Надија Калвињо. 

Конференцијата на амбасадорите на ЕУ е годишен настан замислен како собир за размена на мислења и ставови меѓу учесниците за надворешната политика, активностите, глобалните настани и стратешките приоритети на ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан