Глаголицата како парабола за денешното сеопфатно општество: Отворена изложбата „Глаголички откровенија“ на Томе Даневски во КИЦ - Скопје
- Изложбата ќе трае до петок, а за во вторник е најавена и работилница на којашто уметници и лица со попреченост од други области ќе говорат за уметноста, културата, идентитетот и како сѐ тоа би изгледало во целосно сеопфатно општество.
Скопје, 24 јануари 2026 (МИА) - Во Културно-информативниот центар - Скопје (КИЦ), свечено беше отворена самостојната изложба „Глаголички откровенија“ на сликарот Томе Даневски. Изложбата ќе трае до петок, а за во вторник е најавена и работилница на којашто уметници и лица со попреченост од други области ќе говорат за уметноста, културата, идентитетот и како сѐ тоа би изгледало во целосно сеопфатно општество.
Низ сликарските дела, како што велат организаторите од „Абилитист“ и Здружението на лица со попреченост „Зета“, македонскиот современ уметник „преку боја, симбол и звук“ ја истражува прастарата азбука глаголица како културен, емоционален и духовен феномен.


- Проектот има една многу едноставна но благородна идеја - да создаде простор каде што уметниците со и без попреченост еднакво ќе учествуваат, создаваат и изложуваат, и со тоа да ја трансформираат културата во сфера којашто е отворена и достапна, рече на отворањето Елизабета Јовановска од „Абилитист“.


„Глаголички откровенија“ содржи 27 дела изработени во масло и акрил на платно. Според Елена Кочоска - претставничка на „Зета“, глаголицата, како основа на нашата писменост, е врата кон пристапноста и силно ја симболизира отвореноста на општеството за сите луѓе.
-Сеопфатната култура денес им нуди можност на лицата со попреченост за рамноправност и изразување на колективниот и на самостојниот, личен културен идентитет - право загарантирано и со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, појасни Кочоска за МИА.

Уметникот Даневски се согласува со тоа.
- Нашите светители Кирил и Методиј, преку глаголицата, тогаш, на тој начин, успеаја на луѓето да им ја овозможат пристапноста до светите списи и Светото писмо, со што тогашните жители културно се издигнале и го препознале словото Божјо. Тогаш ние Македонците, на тој начин, и сме го величале својот идентитет, и тоа што нашите словенски учители ја насочиле својата мисија кон сите словенски народи - било голем исчекор за Македонија. Слично, со овие мои дела, се обидов да ја доловам енергијата на светителите и на глаголицата - но во поглед на пристапноста. Со новитетот - кју-ар-кодовите, им се овозможува целосна пристапност на сите посетители (и на оние со оштетен вид) да ги осознаат овие дела и да ја почувствуваат безвременоста на глаголицата, појасни Даневски.

Како што соопштија организаторите, ова е „прва изложба во Македонија со мултисензорно искуство“, каде што до секое дело има кју-ар-код, па посетителите преку едноставно сликање на истиот, може да го слушнат и личното аудиотолкување на авторот.
- Патувањето низ универзумот со симболиката на изложбата „Глаголички откровенија“ на Томе Даневски, неговото најново ликовно остварување го прикажува писмото глаголица, т.е. најстарата словенска азбука како главен предизвик за оваа ликовна авантура. Фасцинантно е како ликовниот украс се претвора во продлабочено толкување на насликаните букви, во врска на оригиналноста на сликарската позадина во звукот на бојата, се надоврза Маја Крстевска, виш кустос во КИЦ.

Ова е последна од трите планирани изложби под заеднички наслов „Под исто платно: Инклузија низ уметноста“, поддржани во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, којшто, инаку, се имплементира од „Хартефакт фонд“.
Просторот каде што оваа изложба се одржува е целосно пристапен за лица кои користат количка и други ортопедски помагала, што ја прави изложбата достапна и инклузивна за сите. На настанот присуствуваа и личности од дипломатскиот кор во земјава.

По две реализирани самостојни изложби - онаа на Тома Димовски (лице со попреченост) под назив „Тајниот дневник“ во Тетово, и на Роза Мојсовска (исто така, лице со попреченост) - насловена „Цветна градина“ во Гевгелија, оваа трета изложба „Глаголички откровенија“ на Томе Даневски го заокружува овој уметнички проект. си/дј/
Фото: МИА / Елизабета Јовановска / Љубиша Савески.