• петок, 05 декември 2025

Гил: Упадите во воздушниот простор на ЕУ ќе бидат тема на неформалниот Европски совет во Копенхаген  

Гил: Упадите во воздушниот простор на ЕУ ќе бидат тема на неформалниот Европски совет во Копенхаген  

Брисел, 25 септември 2025 (МИА) - Европската комисија е во контакти со сите земји членки во врска со последните инциденти со упади во воздушниот простор на ЕУ, изјави денеска заменикот главен портпарол на ЕК, Олоф Гил во одговор на новинарско прашање за реакција на Комисијата на синоќешниот инцидент со забележаните дронови над аеродромот во данскиот град Алборг.  

- Можам да потврдам дека Комисијата е во контакт со сите наши земји членки, не само со оние погодени од неодамнешните упади, за да разговараме за овие безбедносни прашања и можам да потврдам дека тие исто така ќе бидат детално дискутирани помеѓу претседателката (на Еврокомисијата, Урсула) фон дер Лајен и шефовите на држави или влади на неформалниот Европски совет во Данска следната недела, изјави Гил. 

Неформалната средба на лидерите на ЕУ е закажана за 1 октомври во Копенхаген. 

Портпаролот на Еврокомисијата за технолошки суверенитет и одбрана Тома Рение, пак, истакна дека синоќешниот инцидент во Данска е уште еден доказ за потребата за создавање на „Ѕид од дронови“ на што работат ЕК и еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус. 

Тој потсети дека Данска е една од земјите вклучени во проектот заедно со Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка и Финска, и плус Украина и дека неговото создавање ќе биде тема на работниот состанок на Кубилиус со претставниците на овие земји што ќе се одржи утре. 

Вчера Рение истакна дека тоа нема само состанок „што ќе изгледа убаво на хартија“, туку ќе биде со силна посветеност и со конкретни резултати, додавајќи дека создавањето на „Ѕид од дронови“ е вистинска потреба на ЕУ и затоа Комисијата очекува силна посветеност од земјите вклучени во проектот. 

Рение денеска најави и дека реализацијата на овој проект ќе биде тема и на средба на техничко ниво на претставници на ЕУ и НАТО што, исто така, ќе се одржи утре.  

Во однос на потеклото на дроновите во Алборг, портпаролката на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер изјави дека истрагата за целиот инцидент е во надлежност на Данска и дека Комисијата само ќе ги разгледа резултатите и заклучоците од неа.  

- Но, нападите не се случуваат во вакуум простор, туку во одреден контекст. Кога имате толку многу докази во Полска, Романија, Естонија и во други земји членки за нарушување на европскиот воздушен простор од страна на дронови, го имаме контекстот што укажува на еден агресор кој останува доследен и константен во своето неодговорно однесување, а тоа е Русија, истакна Хипер. 

Данските власти доцна синоќа на неколку часа го затворија за сообраќај воздушниот простор над аеродромот Алборг во северна Данска, откако во воздухот беа забележани неидентификувани дронови. Инцидентот следи откако пред два дена за сообраќај беше затворен и просторот над аеродромот во Копенхаген, исто така, поради регистрирани дронови. 

Данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен денеска изјави дека овие инциденти се дел од кибер напад, веројатно оркестриран од професионален актер. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан